Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Самостојна изложба на Билјана Билбилоска во Охрид

Охрид, 18. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, во понеделник, на 21-ви септември, со почеток во 20:00 часот ќе биде отворена самостојна изложба на Билјана Билбилоска.

На изложбата со наслов „Неправилен ритам“ ќе бидат изложени слики направени во текот на 2019-2020 година. Ќе се изложат слики изработени во техника акрил на платно и на картон. Тематски, изложбата, преку боите води дијалог со музиката. Преку аналогијата на овие две нешта, ги сместува боите и звуците во една иста рамка и на иста фреквенција. Музиката е надоврзување на сликите, своевидна екстензија, дел од просторот, иако временски несместлива во три просторни димензии. Ритамот како ликовен елемент варира од праволиниски и правилен до непостојан и непредвидлив, дисперзиран конкавно, со тенденција да ги надмине физичките рамки на платното и да ја продолжи својата приказна надвор.

Image may contain: outdoor and water

-Прелеани бои во синкопиран ритам. Слеани во легатиран хармоничен ритам кои така поврзани создаваат неправилна ритмичка целина. Ликовна конструкција на музички момент, вели за изложбата композиторот и режисер Глигор Кондовски.

Image may contain: tree, plant, outdoor, water and nature

Билјана Билбилоска дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот графика. Досега имала четири самостојни изложби, а групно се претставувала во Македонија, Србија, Турција, Романија, Франција и во САД. Се занимава со графички дизајн, илустрација и филм.
Изложбата ќе биде отворена за посетители до крајот на следната недела.

На изложбата ќе се влегува поединечно или максимално во група од двајца, согласно мерките за заштита од COVID-19. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука