Економија Избор Македонија

За иста работа, жените се значително помалку платени од мажите

Скопје, 18. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Надлежните институции во соработка со приватниот сектор и синдикатите да развијат ефикасен механизам кој ќе придонесе за изедначување на платите на мажите и жените, кои во овој момент за иста вредност во работата се за 23 проценти пониски. Ова беше истакнато денес од Сојузот на стопански комори, Здружението на бизнис жени и Сојузот на синдикати на Македонија, по повод одбележувањето на првиот Меѓународен ден за родова еднаквост на платите – 18-ти септември.

Родовата еднаквост, се вели во соопштението од Сојузот на стопански комори, е основно човеково право и е камен-темелник на просперитетна и модерна економија што генерира одржлив инклузивен раст.

– Глобално жените заработуваат 23 проценти помалку од мажите, а јазот на национално ниво е 19 проценти. Ова е причината зошто создадовме национална коалиција со повеќе засегнати страни за да постигнеме еднаква родова плата за работа со еднаква вредност. Со формирање на коалицијата го одбележуваме Меѓународниот ден на родовата еднаквост во плати. И покрај децениските придобивки во образованието на жените и учеството во вработувањето, законодавството, политичкото дејствување и активизмот, жените ширум светот и понатаму земаат пониски плати од мажите за вршење на исти или слични работни задачи. Според анализата на УСАИД објавена во јули минатата година проценетиот сооднос на приходите на жените во однос на мажите во нашата земја е 0,49 проценти што претставува најголем јаз во регионот, изјави Габриела Кулебанова, потпретседател на Сојузот на стопански комори.

Валентина Дисоска, претседател на Здружението на бизнис жени вели дека во државата постои широка правна рамка со која се регулираат прашањата за еднаквите можности, недискриминацијата и учеството на жените на пазарот на трудот.

Меѓународниот ден за родова еднаквост годинава се одбележува прв пат, во услови кога светот се бори со пандемијата, која уште повеќе ја зголемува нееднаквоста. Жените сочинуваат две третини од здравствената работна сила ширум светот, вклучително и 85 отсто од медицинските сестри и 90 отсто од здравствените работници кои се вклучени во долготрајната нега на болните. Жените се соочија и со товарот од дополнителната неплатена работа предизвикана од затворање на училишни и установи за згрижување деца. Жените исто така во поголем број останаа без своите работни места, бидејќи работат во секторите кои се најпогодени од кризата.

Целиот текст ТУКА.

извор: Плус инфо фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука