септември 21, 2020

Скопје/Охрид, 21. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Комисијата за заразни болести денеска ќе се состане за да ја разгледа можноста за воведување дневен престој во училиштата, а одлуката ќе зависи од епидемиолошката слика.

Последната информација со која располага Комисијата е дека нема да има целодневен престој.

Одлуката, како што соопшти вчера директорот на Здравствен дом Скопје, Виктор Исјановски, кој присустуваше на одбележувањето на Светскиот ден за подигнување на свесноста за раст кај децата, зависи од епидемиолошката слика, од сите случувања во однос на самата болест и од условите и критериумите, кои треба да се исполнат за воведување целодневен престој.

Министерот за здравство Венко Филипче завчера изјави дека е направена анализа за бројката на деца кои би требало да останат во училиште и по завршувањето на часовите во смена.

-Ќе се донесе позитивна одлука исто како што се носи одлука и за исклучоците во сите други училишта, односно ако бројката на децата е толку мал да никако не ја загрозува нивната безбедност, односно да нема дополнителен епидемиолошки ризик што одредена група на деца ќе остане и после завршувањето на смената. Предност е што тоа е истата група на деца, значи не се зголемуваат контактите, тие биле во контакт претходно, сега само се зголемува времето на престојот, појасни Филипче.

School Disinfection Resources for Parents During COVID-19

Исјановски вчера не ја исклучи можноста за затворање на градинките, доколку дојде до влошување на состојбата со COVID-19, кои, пак се отворија на почетокот на месецот, но веќе има неколку случаи на дечиња заболени од коронавирусот.

Според министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, доколку епидемиплошката состојба ескалира, следејќи ја будно состојбата и почитувајќи ги препораките на Комисијата за заразни болести ќе се преземат мерки кои ќе го гарантираат здравјето на децата и вработените.

Во однос на градинките, Филипче завчера рече дека се развиени алгоритми како и што се постапува кога ќе се дијагностицира дете и оти се направени протоколи за работа.

Од среда, 23-ти септември, на работа се враќаат лицата кои користеа продолжено породилно отсуство, додека бремените жени продолжуваат да ги користат мерките, односно се ослободуваат од одење на работа. На работа, од среда се враќаат и хронично болните. Исклучок од ова ќе бидат само лицата (пациенти) кај кои болеста е во фаза навлошување и оние со малигна болест за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист. Врз основа на таа потврда овие лица ќе користат боледување.

178 нови случаи на COVID-19, 3 новозаболен и 2 оздравени лица од Охрид

Во текот на последните 24 часа се направени 1.368 тестирања, при што се регистрирани 178 нови случаи на COVID-19, информираат од Министерството за здравство на Република Македонија. Во Охрид се регистрирани 3 новозаболен и 3 оздравени лица. Во соседна Струга, во истиот период, се регистрирани 5 новозаболени и 5 оздравени лица.

Вкупната бројка на COVID-19 дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 16.735, бројката на оздравени пациенти е 13.863, на починати е 693, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.179. Досега во земјата се направени вкупно 175.465 тестирања. (Крај)

извор: МИА фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука