Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Охрид SOS со петиција за спас на Преспанското Езеро

Охрид, 25. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ, поддржана од многубројни организации, покрена петиција за спас на Преспанско Езеро со конкретни барања до Владата. 

Преспанското Езеро е едно од најстарите езера во светот чија старост се проценува на 3 до 5 милиони години. Заедно со Охридското Езеро со кое прави една единствена, неразделна геохидролошка целина, претставува исклучително значаен локалитет во светски рамки истакнат по својот богат биодиверзитет и ендемизам, стои во барањето.

– Преспанското Езеро се наоѓа на листата на најважни орнитолошки локалитети во Европа од 2008 година, како и на најважни водни живеалишта во светот – прогласено е за Рамсарско подрачје во 1995 година и е едно од само две во Македонија. Сведоци сме дека во последните неколку децении нивото на Преспанското Езеро драстично се намалува (~8 m) што значи повлекување на езерото од повеќе десетици метри на некои делови. Во моментот, нивото на Преспанско е најниско од кога се вршат мерења (1917 г.) што е цел еден век и состојбата е крајно алармантна!, велат од Охрид ЅОЅ.

Поради ваквата алармантна состојба бараат од Владата итно преземање на мерки за спас на езерото. Барањата се:

  • итно и неодложно да се прогласи кризна состојба на целото подрачје на сливот на Преспанското Езеро.
  • најитно формирање научно/техничка комисија за спас на Преспанското Езеро која ќе ја проучи ситуацијата и ќе предложи итни мерки за подобрување на состојбата најдоцна за 10 дена од објавувањето на петицијата.
  • Владата итно да иницира меѓудржавна средба на експертско ниво заедно со релевантни организации вклучени во Преспанскиот Регион која координирано ќе работи на проблемот.
  • Владата да дефинира фазен план за спас на Преспанско Езеро со јасно утврдени рокови.
  • Во согласност со начелата од Архуската конвенција преточени во националната легислатива, информациите за планот и сите преземени активности седмично да се ажурираат на веб-страницата на МЖСПП и да бидат лесно достапни за јавноста.

Од Охрид ЅОЅ потсетуваат дека црвените линии се одамна пречекорени и не смее заштитата и напорите за унапредување на состојбата на Преспанското Езеро да останат на хартија како што е практика во Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука