ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Нивото на Охридското Езеро денес на 13 сантиметри под просекот за октомври

Охрид, 1. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Нивото на водата во Охридското Езеро е под просекот и за месец октомври.

Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водата е на кота од 693,15 м.н.в, што е за 13 сантиметри под просечното ниво за овој месец (693,28 м.н.в). Температурата на езерската вода, измерена утрово во 07:30 часот е 19 степени, што е за 2,2 степени повисоко од просекот за овој период од годината.

Периодов е забележлив значителен пад на езерскиот водостој. На 1-ви септември нивото било на кота од 693,34 м.н.в, за после само еден месец да опадне за цели 19 сантиметри. Загрижува фактот што водостојот е под природната кота (693,17 м.н.в) и се доближува до дозволениот минимум (693,10 м.н.в). Од Електрани на Македонија кон средината на септември излегоа со информација дека езерото се празни поради чистење на истекот на реката Црн Дрим во Струга. Кон падот на водостојот се додава и сушниот период без врнежи од дожд, за што добрите познавачи велат дека значително се одразува на хидролошката состојба.

Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност. Максималната температура во Охрид ќе се искачи до 19. степени.

– До недела ќе преовладува стабилно време. Од петок ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец што ќе предизвика пораст на температурите. Од понеделник ќе се зголемуваат условите за локална нестабилност, информираат од УХМР. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука