COVID-19 ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Убавото време и продолжениот викенд повторно го исполнија Охрид со гости (Фото)

Охрид, 10. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Убавото време и продолжениот празничен викенд го повторно привлекоа гости во Охрид од целата држава.

Кафе баровите и рестораните се солидно исполнети за овој период од годината, и во нив генерално се почитуваат мерките пропишани од Владата на Република Македонија за заштита од COVID-19.

Сепак, она што може да се забележи е само делумното почитување на мерките за носење на лична заштитна опрема. Репортерите на Супер радио и OhridPres регистрираа денес дека маски носат само нешто околу половина од граѓаните, кои убавото и сончево време го искористија за прошетка покрај езерото.

За жал, бројките велат дека со голема брзина се зголемува бројот на заболените лица во државава. Според официјалните податоци на Центарот за јавно здравје од Охрид, во периодот од 3-ти до 9-ти октомври во Охрид COVID-19 e дијагностициран кај 22 лица, активни се 42 случаи, оздравеа 14 и почина 1 лице. Вчера во Охрид имавме 7 новозаболени лица со рекордни 386 во само еден ден на ниво на целата држава.

Метеоролозите за денес најавуваат сончево време со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Maксималната температура во Охрид ќе се искачи до 20. степени.

-Во следните денови времето ќе биде стабилно со благ пораст на дневните температури. Во недела ќе има услови за слаба утринска магла по одделни котлини. Во понеделник попладне, во текот на ноќта и во вторник, под влијание на влажен бран ќе има врнежи од дожд, на места пообилни и проследени со грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, информираат од УХМР. (Крај)

извор: ОхридПрес/УХМР фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука