ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Празници ТОП ВЕСТИ

Централната прослава на великиот јубилеј: 1000 години од основањето на Бигорскиот Манастир

Дебар, 18. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Денеска ќе се одржи централната прослава на великиот јубилеј: 1000 години од основањето на Бигорскиот Манастир.

Вчера се отслужи архијерејска Вечерна богослужба, на којашто молитвено претстоеше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.

Утрово започна Божествената архијерејска Литургија, со којашто чиноначалствува Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со своите собраќа од Светиот Синод на МПЦ-ОА.

Со пригодно слово кон присутните ќе се обрати Архиепископот г. г. Стефан, а после него и покровителот на прославата, Претседателот на Република Македонија Стево Пендаровски.

Митрополитот г. Тимотеј и Епископот г. Партениј ќе бидат доделени ордени и благодарници на заслужни поединци и организации, кои дале значителен придонес за благолепието на Бигорски и за неговата евангелско-просветна мисија.

-Со цел запазување на мерките за здравствена заштита, целата програма на 18-ти октомври, вклучително и светата богослужба, ќе се одвива на отворено, во дворот на Манастирот, каде ќе биде поставена монтажна бина, а исто така и видео-екран. На неколку места ќе има пунктови за дезинфекција, а носењето на маски и одржувањето на потребното растојание се задолжителни. За доследно запазување на споменатите мерки ќе биде ангажирана професионална и лиценцирана екипа на редари. Гостите што ќе присуствуваат ќе бидат дел од историската милениумска прослава на Свештениот Бигорски Манастир, којшто цели десет века е сенароден светилник кој го покажува патот кон возвишеното, светото, благородното, патот кон спасението и обожението во Христа. Но, и за оние коишто нема да бидат во можност физички да присуствуваат, ќе биде обезбеден директен пренос на МТВ, но и на Facebook и YouTube страниците на Манастирот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука