Избор Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Распишан конкурсот за Наградата и Повелбите Св. Климент Охридски – Патрон на градот

Охрид, 9. ноември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Распишан конкурсот за доделување на највисокото општинско признание, Наградата и Повелбите Св. Климент Охридски – Патрон на градот.

Наградата се доделува за животно дело, односно долгогодишни остварувања и врвни достигнувања во сите области од општествениот живот кои се од особено значење за општина Охрид и кои имаат голем придонес во нејзиниот развој, напредок и севкупна афирмација во Република Македонија и светот. Право на учество на Конкурсот имаат установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и поединци.

Повелбите се доделуваат за остварувања и достигнувања во сите области од општествениот живот кои се од особено значење и имаат посебен придонес во развојот и севкупниот напредок и афирмација на општина Охрид во Република Македонија и во светот, во период од една година. Повелбата може да се додели максимум на пет добитници. Право на учество на Конкурсот имаат установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и поединци.

Конкурсот трае 15 дена од денот на објавувањето, заклучно со 20-ти ноември.

Највисокото општинско признание наградата „Св. Климент Охридски – патрон на Охрид“, лани постхумно му беше доделена на прерано починатиот градоначалник Јован Стојаноски, а добитници на повелбата беа Виолета Петкоска, професор по одделенска настава во ОУ „Кочо Рацин“ и Планинската спасителна служба при Црвен Крст Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука