Локална самоуправа

Јавна расправа за најавената реконструкција на улицата „Македонски просветители“

Охрид, 12. ноември 2020 (ОХРИДПРЕС) – За 12:00 часот преку видео-конференција е закажана јавната расправа за најавената реконструкција на улицата „Македонски Просветители“ како дел од „Проектот за поврзување на локални патишта“. 

Според проектната документација, новото сообраќајно решение предвидува две одвоени коловозни ленти со тротоари од двете страни, велосипедскa патекa, нова атмосферска канaлизација и ново улично осветлување. Возните ленти и такси паркингот ќе бидат изведени од гранитни камени коцки со димензии 10/10/10см, орабени со камени гранитни рабници. Тротоарите ќе бидат изведени од гранитни камени плочи со димензии 33/33/3 см, а на велосипедската лента ќе бидат поставени гранитни камени коцки со димензии 5/5/8 см. Во должина на улицата планирано е изведување на среден разделен цветен појас, а ќе биде подигнат и нов дрворед, од двете страни. Повеќе детали за проектот може да се рагледаат во рамки на приложената документација.

Согласно планираните тендерски процедури и потребниот временски период за подготовка на документацијата, реконструкцијата на улицата се очекува да започне во текот на пролетните месеци од 2021 година.

Со одлуката за алоцирање на средства во рамки на „Проектот за поврзување на локални патишта“ на Општина Охрид и се одобрени и ќе и бидат доделни вкупно 1.073.218 евра. Според пропишаните услови, средствата треба да бидат наменети за градежни работи, надзор и проектирање во делот на подобрување на локалната патна инфраструктура со која ќе се овозможат подобри услови за граѓаните од општината. Врз основа на направените анализи и проценки на локално ниво, во текот на наредниот период ќе биде одлучено дали со овие одобрени средства, покрај реконструкцијата на улицата „Македонски Просветители“ ќе бидат реализирани и дополнителни инфраструктурни проекти. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука