COVID-19 ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Една негувателка во охридската градинка позитивна на COVID-19

Охрид, 12. ноември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во моментов во охридската градинка има една негувателка која е позитивна на COVID-19.

Директорката на градинката, Мери Рилкова, во изјава за Супер радио и OhridPress вели дека утре во градинка се враќа едната група дечиња кои беа во изолација, воспитувачката од таа група беше негативна, но постапи согласно решение и согласно протоколите, па и таа се враќа од изолација.

– Заразени деца нема, засега сé е во ред, протоколите се почитуваат. Има само настинки нормални за овој период, затоа е и намален бројот на деца. Но сега и родителите се попретпазливи, додека не помине настинката не ги носат децата во градинка. Имаме добра соработка со нив, не информираат ако забележат промени кај децата, ги информираме и ние, потенцира Рилкова.

По половина година, градинките во земјава беа отворени на 9-ти септември, под посебни протоколи кои се однесуваат на установата, вработените и родителите. И на децата и на вработените при влез задолжително им се мери температура. Вработените задолжително носат маски. Внатре во градинките престојот на децата е организиран на начин да се избегне меѓусебен контакт на различни групи на деца во согласност со можностите. За секое дете треба да се обезбедени по две постелнини. На секои два часа се прави дезинфекција на прекинувачите, кваките на вратите, мијалниците, масите, столовите, а растојанието меѓу масите е 1,5-2 метри.

Соглано протоколите, охридската градинката има капацитет да прими 597 дечиња. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука