ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Започнаа активности за санација и ревитализација на охридскиот Чинар

Охрид, 27. ноември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Денеска започнаа предвидените работни активности за санација и ревитализација на познатиот охридски Чинар (Platanus orientalis) лоциран во Охридската чаршија.

Активностите се дел од овогодинешната Програма за заштита на животната средина и природата и се финансирани од буџетот на општина Охрид. Санацијата и ревитализацијата на стеблото се очекува да заврши за околу десетина дена и истата ќе се одвива под надзор на стручни лица од Шумарскиот факултет од Скопје.

Единечното дрво – Чинар (Platanus orientalis) кое е од големо природно, културно и историско значење за Охрид извесен период се наоѓаше во многу лоша состојба и беше неопходно е да се преземат соодветни мерки за санација и ревитализација, со цел да се обнови и да му се продолжи животниот век.

Минатата година од страна на Министертвото за животна средина и просторно планирање беше донесено Решение за прогласување на „Чинар-Охрид“ за природна реткост.

Неодамна, Супер радио и OhridPress повторно ја актуелизираа темата за состојбата во која се наоѓа Чинарот, а која е најблаго кажано алармантна. Фотографиите и видео материјалот кој тогаш го направи екипата на OhridPress покажаа дека е крајно време да се преземат соодветни мерки, ако тоа време веќе и не поминало.

Исполнет со стиропор, најлон и градежна пена, обложен со шиндра, охридскиот „старец“ немо ја посматраше нашата негрижа и неодговорност. (Крај)

извор: Општина Охрид фото: Општина Охрид

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука