Избор Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

Сајкоски од протестот на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид: Историјата не се решава со два потписи

Охрид, 27. ноември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Денеска ВМРО-ДПМНЕ покрај Охрид протестира во уште шест града во Република Македонија. Сакаме да порачаме до Заев и актуелната власт дека борбата, жртвите, идентитетот и континуитетот на постоење на македонскиот народ не можат да бидат предмет на разговори и договори, порача од денешниот протест на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид генералниот секретар на партијата Ѓорѓија Сајкоски.

-Остро се спротивставуваме на договорот со Бугарија и укажуваме дека веднаш треба да се прекине. Суверинитетот на една држава се добива со признавање на другите држави. Ние сме признаена држава, меѓудругите и од Република Бугарија. Ама со добивањето на суверенитетот се добива и внатрешното уредување како да си го направи државата. Ние самите можеме да одлучиме за јазикот, може да одлучиме за историјата, за какви учебници во образование ќе имаме. Исто така сакам да порачам дека историјата не може да биде прашање за кое што ќе се договараат двајца лидери на две држави. Историјата не се решава со два потписи, истакна Сајкоски.

На протестот се обрати и д-р Кирил Пецаков, пратеник во Собранието на Република Македонија кој истакна дека народот е обединет и мора да се стави крај сега за да не е предоцна на политиките на власта со кои сакаат да ги распродадат националните интереси.

-Со вечерашниот протест под мотото „Оставка на Заев, слобода на народот“, народот докажа дека става крај на националните понижувања и распродавање на државните интереси. Со натпартискиот протест за одбрана на црвените линии кои се последниот бедем на нашиот идентитет заедно со народот испраќаме порака до Зоран Заев дека нема право да ги продава македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската историја. Заев го погази достоинството на Македонците и на оние кои ги положиле животите за Македонија. Со кое право Заев ја негира Антифашистичката борба? АСНОМ е вториот Илинден, а Народноослободителната борба е дел од европската борба за слободни народи. Сега се работи за Македонија, за Илинден и АСНОМ, за она што сме и она што сакаме да останеме. Благодарност до сите што денеска беа заедно со нас со автомобили почитувајќи ги максимално препораките и протоколите за заштита од КОВИД-19, како и до сите оние граѓани кои ни ја даваат поддршката. Власта и Заев ќе бидат запишани на црните и темни страни од македонската историја. Само со оставка на Заев, македонските граѓани ќе живеат подобро. Оставка на Заев, слобода на народот, додаде Пецаков. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука