ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

In Memoriam: Почина познатиот доктор и уметник Драган Спасески Охридски

Охрид, 27. ноември 2020 (ОХРИДПРЕС) – По кратко боледување, во 60-тата година од животот, денес почина познатиот доктор и уметник Драган Спасески Охридски.

Спасески беше доктор специјалист по ортопедија, уметник чии дела повеќе од 30 години ги воодушевуваат љубителите на уметноста во земјава и странство, поет, кој истовремено се занимава со дизајн, компјутерска уметничка графика, уредување на ентериери, обожван од охриѓани, ценет во секоја област.

Роден е во 1960 година и по професија беше доктор-специјалист, хирург ортопед.

Како уметник реализираше повеќе мултимедијални проекти: „Апокалиптичен нарцис“ (1989 година), „Сѐ трепери“ (1996 година), „Блиску до сонцето и љубовта мракот помалку боли“ (1999 година), „Вибрација, креација, совршена релација“ (2001 година), „Охридски ангели“ (2003 година), „Погледни во себе“ (2004 година), „Трите точки“ (2008 година), „Охридски бисери на мудроста“ (2010 година), „Битолска трилогија“ (2011 година), „Човек е трепет … и ангелот трепет е… а ти Боже мој…“ (2017 година). Скоро сите мултимедијални проекти се составени од изложби на ликовни дела и промоција на книги – поезија со истоимениот наслов како мултимедијалниот проект, а некои се проследени и со архитектонски ентериерни креации.

Спасески Охридски важеше за голем презентер на македонската уметност надвор од границите на земјава. Зад себе остави сопруга и син. (Крај)

извор: news1.mk фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука