Избор Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Поставена нова плоча на споменикот „Солза на Роза“

Охрид, 28. ноември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Службите на ЈП „Градски гробишта“ Охрид поставија нова плоча со натпис на споменикот „Солза на Роза“, кој беше оштетен деновиве од страна на несовесни граѓани.

-Ова спомен обележје продолжува да биде симбол на сочувството и почитта за 15-те бугарски туристи кои трагично загинаа во несреќата на бродот „Илинден“, на 5-ти септември 2009 година, информираат од општина Охрид.

Со осуда на овој вандалски чин излегоа и од Министерството за надворешни работи на Република Македонија.

-Надлежните служби се информирани и во најскоро време ќе го отклонат ова злодело на неодговорни и злонамерни поединци, за да можеме достоинствено да ја паметиме ова трагедија, наведуваат од Министерството за надворешни работи.

Во соопштението се додава дека вратите на историскиот Охрид остануваат ширум отворени за сите туристи, а посебно се секогаш добредојдени нашите пријатели од соседна Бугарија.

Несреќата се случи на 5-ти септември 2009 година, во 10:33 часот, кога на околу 200 местри од брегот на езерото кај автокампот „Елешец“ се преврте и потона туристичкиот брод „Илинден“. Притоа загинаа 15 од 56-те патници, туристи од соседна Бугарија, кои патуваа на излет во Свети Наум. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука