Избор Локална самоуправа Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

Коњановска: Буџетот за 2021 година е реално неостварлив, има многу ставки кои не се прецизно испланирани

Охрид, 29. декември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Носењето на буџетот претставува една од најсуштинските задачи на Советот на општината, порача на денешната прес-конференција д-р Гордана Коњановска, координатор на советничка група на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

– Со истиот се детерминира начинот на кој ќе бидат трошени парите на граѓаните во наредната година, се планираат активностите преку програмите во сите сфери на надлежности на Општината кои треба да обезбедат квалитет на животот на граѓаните на општината. Планиран е буџет за 2021 година од 685.716.000 денари, износ кој сметаме дека е нереално висок, особено ако се има предвид дека минатата година, ова време, кога не бевме свесни што не очекува во 2020 година беа испланирани 652.072.000 (33 милиони денари помалку од сега) за со ребаланс да бидат намалени на 548.300.000 денари. Сега кога е извесно дека 2021 нема да биде лесна, кога и официјално имаме кризна состојба до јуни 2021, ние планираме буџет повисок за 137 милиони денари од остварениот оваа година, за кој времето и ребалансите што ќе следат ќе покажат дека е реално неостварлив. Значајни износи на средства се планираат за ставки кои не се прецизно испланирани (санација на улична патна мрежа и асфалтирање на тесни улици, на пр.) што ќе значи дека граѓаните и натаму нема да знаат кога ќе дојде на ред решавањето на нивните конкретни проблеми. Се зголемуваат одредени трансфери во подставки „други трансфери” за значајни износи, што отвора можност за нетранспарентни трошења. Ние како советничка група се обидовме некои од најактуелните потреби на жителите на градот и руралните места да ги артикулираме преку амандмани кои ги дополнуваат и допрецицизираат понудените предлог-програми, а за истите веќе ја информиравме јавноста. Тоа се: Изградба на резервоари и пумпни станици во селата Ливоишта и Подмоље, Изградба на спортски сали во ОУ „Братство и Единство“ (кај Крст Џамија) и во Лескоец, Изградба на фекална канализација со пречистителна станица во прва фаза во селата Елшани и Горно Лакочереј, Доизградба на атмосферска канализација во Велгошти, Санација и изградба на потпорни ѕидови во Коњско и Елшани. Предлагаме еднократна парична помош за секое прваче во наредната учебна година од 3.000 денари, целосно ослободување од плаќање чланарина за сите деца вклучени во младински школи и спортски клубови, на начин што истата општината ќе ја субвенционира, и во програмата за социјална заштита проект Личен асистент за лица со тешко нарушена мобилност. Се надеваме дека истите ќе наидат на прифаќање од Градоначалникот и поддршка од советниците. Во овој момент морам уште еднаш да ја споменам и одлуката со која се предлага на ЈП „Водовод“ да му се даде согласност да ја зголеми цената на водата и тоа да го прави сукцесивно наредните три години. Ова јавно претпријатие кое е пример за превработеност, кое успева да фактурира едвај 30% од водата која ја генерира и кое си планира нови вработувања за наредната година со зголемување на цената на водата истите има намера да ги финансира. Очекуваме сите советници едногласно да не дадат согласност за ваквиот начин на работење, порачаа од партијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ВМРО-ДПМНЕ

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука