Избор Култура

Катерина и Борче Грозданови го претставија своето творештво во Охрид

Охрид, 8. мај 2015 (ОХРИДПРЕС) – Вчера во НУ Центар за култура “Григор Прличев” – Охрид свое литературно претставување имаа авторите Катерина и Борче Грозданови.

Беше промовирана првата книга на Катерина Грозданова, насловена “На попатнина кон дома”.

– Многу луѓе ме прашуваат зошто во мојата книга имам наизменично застапено поезија и прозен дел. Ова е моја прва издадена книга, иако дел од песните кои се застапени, се напишани пред 30-на години. Никогаш не бев сигурна дека ќе се занимавам со пишување, но ете тоа било она што е моја определба. Иако насловот на мојата книга вели “На попатнина кон дома”, не говорам за обичниот пат кој го одиме секојдневно до нашите домови, туку јас пишувам за еден друг пат, патот кон љубовта, кон Бог, кон она што го сакаме. Оваа моја книга е искрена, се’ произлегува од мојата душа, немам измислени чувства, настани, личности, вели авторката Грозданова.

Додека Борче Грозданов промовираше дел од неговото ново творештво, кратки драмски памфлети и афоризми, кои ќе се најдат на неговата деветта по ред книга, која излегува во печат наскоро. Книгата носи наслов “Сништа сеништа”.

– За разлика од мојата сопруга Катерина, јас пишувам кратко. Обично пишувам тристишја, се занимавам со театар, па затоа имам напишано и голем број на, така да ги наречам, кратки театарски реплики, кои се еден вид на афоризми. Имам напишано една песна, во која има посебен изблик на болка по мојот пријател, кој прерано не’ напушти, Васил Шишков, рече на литературното претставување Грозданов.

Книгите “На попатнина кон дома” и “Сништа сеништа” ќе имаат сеопфатна промоција во септември во Скопје. Дотогаш, авторите ќе пропатуваат низ македонските градови и ќе го промовираат своето творештво. Додека на страницата на фејсбук на Катерина, како што повикува самата поетеса и писателка, читателите ќе можат да оставаат критики и мислења за книгата, кои ќе бидат објавени во мала книшка непосредно пред промоцијата на книгата во Скопје. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави