ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

УНЕСКО ја оспорува и реконструкцијата на охридскиот кеј

Скопје/Охрид, 11. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во нацрт-извештајот на УНЕСКО се оспорува и најавената реконструкција на кејот „Македонија“ покрај Охридското Езеро, проект кој подолго време го најавуваше градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, а Владата пред две недели на седница одвои 38 милиони денари (600 илјади евра) за негова реализација.

Членовите на Реактивната мониторинг-мисија на Центарот за светско наследство извршиле увид во овој дел и, иако сметаат дека е потребна реконструкција, наведуваат дека сегашниот проект дополнително би им наштетил на Охридското Езеро и на подрачјето во целина, јави порталот 360stepeni.mk.

– Мисијата смета дека сегашниот проект предвидува масивна бетонска конструкција и неоправдано проширување на кејот за околу 1,5 метар, со што дополнително ќе се навлезе во езерото. Мисијата смета дека сегашниот проект ќе предизвика дополнително влошување и негативно влијание врз местоположбата. Проектот треба да се модифицира за да се реконструира кејот без никакво проширување, се вели во нацрт-извештајот.

Владата пред две недели донесе одлука наместо за карго-аеродром во Штип, средствата обезбедени од ТАВ да ги пренамени за 99 инфраструктурни проекти низ 75 општини. Од вкупно планираните 49 милиони евра, со владина одлука беа прераспределени 35 милиони евра. Од нив, Општина Охрид доби 38 милиони денари (околу 600 илјади евра) за реконструкција на охридскиот кеј.

Тогаш, градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, изјави дека се прават напори во соработка со Владата да се обезбедат уште дополнителни 45 милиони денари, со што целосно ќе се затвори финансиската конструкција за овој капитален проект.

Комплетната информација ОВДЕ. (Крај)

извор: 360stepeni.mk фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука