Музиката на Четкар на бројни радио станици ширум светот
Охрид, 18. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот музичар Владимир Четкар, во овие исклучително тешки времиња ни носи убава вест која е поврзана со неговата авторска музика.
– Според последниот извештај на фондацијата BMI (Broadcast Music Incorporated) во последните 4 месеци авторската музика на Владимир Четкар одела во радискиот етер на 10 земји надвор од Македонија и тоа: Јапонија, Унгарија, Италија, Тајланд, Израел, Англија, Белгија, Холандија, Србија и САД. Константниот интернационален успех кој овој македонски автор (гитарист, вокалист, композитор, аранжер и продуцент) го бележи со своето присуство на интернационални радио станици и престижни џез фестивали и музички клубови ширум светот е од особена важност како за неговата кариера така и за промоцијата на Македонија, информираат од тимот на Четкар.
Истовремено деновиве Четкар работи на својот најнов музички спот за композицијата „I Remember“ која беше дел од неговиот втор студиски албум. Спотот ќе биде готов и промовиран во текот на следната недела. „I Remember“ е песна која евоцира спомени на љубовта, на животните патешествија и авантури. Спомени кои на сите нас секојдневно ни помагаат психички да ја пребродиме оваа пандемија веќе скоро година дена. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |