јануари 22, 2021

Охрид, 22. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – 2020 беше годината кога светот застана поради светската пандемија од COVID-19, потенцираат од Нуркачки центар „Акватек“ од каде уште од самиот почеток на пандемијата во нашата земја самоиницијативно и активно се вклучија во борбата со овој вирус.

Тие изработија видео со ретроспектива на сработеното во 2020 година, а од настаните ги издвојуваат:

– Поставивме информативни табли на улица „Цар Самуил“ во стариот дел на градот за почитување на мерките за заштита препорачани од СЗО и Министерството за Здравство, изработувавме дигитални информативни флаери како да се заштитат и многу други слични активности. Се прилагодивме на ситуацијата и продолживме со нашата мисија за подигнување на свеста кај луѓето за чиста животна средина и институционалното уништување на културното и природно наследство во Охрид и Македонија. Со строго почитување на мерките за заштита од COVID-19 реализиравме многубројни подводни еко акции. Извадивме многу отпад од езерото, потсетува Никола Паскали, дипломиран археолог, со специјалност подводна археологија, спелео нуркач, фотограф и екологист од Нуркачкиот центар „Акватек“.

Од Центарот испраќаат јавна благодарност до општина Охрид за несебичната финансиска поддршка во реализацијата на дел од ЕКО акциите, до ЈП „Охридски Комуналец“, како и до сите граѓани кои ги поддржуваат.

– Заедно сме посилни. Од нас зависи. Бидете совесни, апелираат од „Акватек“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: Акватек

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука