Напролет се очекуваат интензивни градежни активности за реконструкцијата на Кејот „Македонија“
Охрид, 26. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Напролет ќе има интензивни градежни активности поврзани со реконструкцијата на Кејот „Македонија“.
Од општина Охрид за Супер радио и OhridPress велат дека се започнати подготвителни активности. Она што сега можеме да го видиме на терен е поставената лимена ограда на кејот, кај Мазија, со што најверојатно е одбележан делот од постоечкото шеталиште што ќе треба да се отстрани, па да се постават армирано бетонските шипови.
Оттаму го повторија она што градоначалникот Константин Георгиески го истакна на едно телевизиско гостување дека за проектот е добиено правосилно одобрение за реконструкција и истата ќе биде реализирана во согласност со препораките на УНЕСКО.
– За овој проект општина Охрид има правосилно одобрение за реконструкција со сите соодветни постапки. Беше спроведена јавна анкета, изработена е Стратешка евалуација на влијание на животна средина како и обезбедени се сите останати документи кои се поврзани со постапката за добивање на одобрение за реконструкција. За реализација на проектот за реконструкција на кејот, општина Охрид доби 38 милиони денари од Владата. Проценетата вредност на овој проект е околу 90 милиони денари, велат од одделението за односи со јавност.
Проектот предвидуваше покрај самиот стар кеј да се постават армирано-бетонски шипови од 80 сантиметри и над нив да се постави врзна греда. Но, во последниот нацрт-извештај УНЕСКО ја оспори најавената реконструкција, по што дојде до измени во проектот.
– Го испративме проектот до УНЕСКО и бидејќи имавме цела една година ние го преправивме проектот. Еден метар од Кеј „Македонија“ ќе се отстранува, ќе се постават армирано бетонските шипови и тоа е нотирано во забелешките, и нема да има зголемување на димензиите на кејот. Значи димензијата на кејот останува иста, рече Георгиески на гостувањето во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.
Согласно најавите дека градското шеталиште во Охрид ќе добие нов лик, се очекува да биде изведена заштитна потпорна конструкција, отстранување на постоечките бекатон плочки и поставување на слој од полупропусен цемент, врз кој ќе бидат поставени гранитни плочи. Проектот за обнова на кејот вклучува и замена на канделабрите и на клупите за седење. Целиот кеј е планиран да биде партерно и хоритикултурно уреден. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |