Здравје Избор Македонија Струга ТОП ВЕСТИ

Струшкиот доктор Мухамед Асани доби забрана за вршење на здравствена дејност во ординацијата во неговиот дом

Скопје/Струга, 26. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Врз основа на наодите од вонредниот инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), во врска со случајот за директорот на струшката болница, д-р Мухамед Асани, од кабинетот на заменикот на Претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, информираат дека се во постојна комуникација со инспекторатот за сите преземени активности.

– ДСЗИ ги презема сите мерки во рамки на законските надлежност за постапување со конкретниот случај. Во ординацијата која се наоѓа во домот на д-р Асани, веќе изврши вонреден инспекциски надзор со полициска асистенција, како што налагаат правилата за надзор во објект каде нема обележано дека постои приватна здравствена устанува. При надзорот, е констатирано комплетно опремена гинеколошка ординација, нерегистрирана, односно за којашто нема никаков документ, како што се потребните дозволи за работа и за основање на фирма. Во меѓувреме, до ДСЗИ се пристигнати четири нотарски заверени изјави од пациентки, кои потврдуваат дека докторот во ординацијата сместена во неговиот дом им вршел прегледи по 15:00 часот. Една од пациентките во изјавата посочува дека во истата ординација, докторот ја контролирал нејзината бременост уште пред 8 години. Во текот на вчерашниот ден ДСЗИ на д-р Мухамед Асани му издаде решение за забрана за вршење на здравствена дејност во ординацијата која се наоѓа во неговиот дом, потенцираат од ДСЗИ.

Додаваат дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат, ќе постапи согласно надлежностите и ќе ги извести сите надлежни институции за констатираната состојба во ординацијата сместена во домот на д-р Асани. Владата ќе продолжи да работи на механизми и системски мерки за расчистување на сите случаи и сузбивање на истите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука