Избор Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Без масовни собирања Здружението на Србите од Охрид „Коштана“ денеска ќе го одбележи празникот „Св. Сава“

Охрид, 27. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Здружението на Србите од Охрид „Коштана“ оваа година ќе го одбележи празникот „Св. Сава“ без масовни собирања.

– Поради актуелната состојба со корона пандемијата, оваа година празникот ќе го прославиме без традиционалните, масовни собирања. Во црквата „Св. Никола“, денеска ќе се освети свечениот Славски колач, по што во 12:00 часот ќе се одржи литургија, вели за Супер радио и OhridPress претседателот на „Коштана“, Среќко Стојановиќ.

Тој упатува честитки за празникот до сите верници, со порака оваа година истиот да го прослават во своите домови.

Секоја година овој ден се прославува традиционално со сечење на славската погача и пригодна културно-забавна програма. Воедно, денот е неработен за припадниците на српската заедница во Република Македонија.

Здружението на Српската заедница во Охрид, „Коштана“ брои над 300 членови кои заеднички го одбележуваат и празнуваат. Српската заедница во Република Македонија е здружение на граѓани, регистрирано во 1991 година во Скопје. Целта на ова здружение е зачувување на идентитетот, културата и јазикот на Србите во Македонија и одбележување на значајни датуми од историјата на Србите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука