ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Гир: Наследството на охридскиот регион е уникатно, да се сочува и за идните генерации

Охрид, 27. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Европската унија дава поддршка на она што е направено и наредните чекори со цел зачувување на ова уникатно наследство. Природното и културното наследство имаат универзална вредност за сите нас како поединци, заедници, општества, но и за пошироките организации, истакна при денешната посета на Охрид амбасадорот на ЕУ во Македонија, Дејвид Гир.

Во фокусот на средбата со градоначалникот на Охрид д-р Константин Георгиески беше извештајот на УНЕСКО и опасноста охридскиот регион да се најде на листата светско наследство во опасност. Според евроамбасадорот Гир самото сочувување на охридскиот регион бара силна владина посветеност за имплементација на сите тие препораки, поголема координација меѓу одговорните министерства и другите институции. Тоа бара и ангажман на национално и локално ниво, со соодветна буџетска поддршка.

– Како Европска унија ја споделуваме загрижениоста изразена од УНЕСКО, кои укажуваат на ризикот охридскиот регион да се најде на листата на светско наследство во опасност. Го разбираме интересот на јавнста за заштита на регионот и ја поддржуваме вклулченоста на заедницата во адресирање на ова прашање. Самата мисија за зачувување на регионот треба да има поддршка од сите политички сили, да биде национален зафат и активност што ќе ги обедини сите чинители ви општеството, потенцира Гир.

Нема достапен опис

Додаде дека со ставањето на листата на светско наследство и на албанскиот дел од езерото во 2019 година, се отвора можност за заштита на регионот од двете земји и продлабочување на соработката во насока на обезбедување на убавината и единствената природа на регионот за идните генерации.

Градоначалникот Георгиески информира дека забелешките на извештајот на драфт верзијата на УНЕСКО што ги имаше општината се испратени до Владата, од каде ќе испратат целосен одговор на извештајот. Додаде дека забелешките на УНЕСКО се однесуваат и на албанската страна, во поседот во Албанија воопшто нема колекторски систем, а допрва треба да се прави и инвентар на дивоградби.

Георгиески повтори дека не станува збор за губење на статусот на охридскиот регион под УНЕСКО, потенцирајќи дека ставањето на листата светско наследство во опасност воопшто не е таква трагедија како што е претставена и доколку се случи такво нешто, државата и општината ќе треба да ги дуплираат напорите за имплементација на препораките.

Нема достапен опис

– Досега два локалитети само го имаат изгубено статусот. Дрезеден по нивно барање и одлука на референдиум и локалитет во Оман каде владата одлучлила 90% од поседот да го претвори во индустриска зона. Критериумите на УНЕСКО, ако се види листата на заштитени подрачја генерално се заоструваат и таа листа од година на година станува се поголема. Станува збор за механизам на УНЕСКО со цел државите поревносно и побрзо да ги имплементираат препораките за заштита, истакна Георгиески.

Тој не сакаше да прогнозира каква ќе биде одлуката на следната сесија на УНЕСКО, но потенцира дека постојано се праќаат извештаи за напредокот и комуникацијата е поприсутна за разлика од минатото. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука