Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Охрид во чест на Прличев

Охрид, 5. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Градот и културно-образовните установи што го носат името на преродбеникот Григор Прличев денеска ќе ја одбележат 128 годишнината од смртта на својот патрон и 160 годишнината од создавањето на неговата поема „Скендербег“.

Под слоганот „Денови на Прличев” и во согласност со сздравствените протоколи, ООУ „Григор Прличев“ го одбележува патронатот. Ќе биде положен ловоров венец пред бистата во училишниот двор, а панихида ќе се одржи на неговиот гроб. Пред спомен бистата кај охридската библиотека ќе бидат доделени наградите за најдобрите ученици на распишаниот литературен конкурс по повод празникот, а беседа за Прличев ќе одржи Мерсиха Исмајловска.

Во изложбениот салон при Центарот за култура ќе биде отворена изложба на ликовни дела од колекцијата на установата. Од 12:00 часот во малата сала, согласно здравствените протоколи за заштита од корона вирусот, ќе се одржи свечена програма, со настап на хорот „Вокс Лихнидос“, претставување и артистичка изведба на наградената поема за 2020 година „Капетаните” и врачување на наградата на лауреатот Лилјана Пандева.

Од 13:00 часот на истата ликација ќе се одржи промоција на најновата книга на проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ „За Прличев и неговиот XIX век“ во која како приредувач се јавува м-р Милчо Јованоски. Промотор ќе биде проф. д-р Димитар Пандев. Книгата е симбиоза од научно – истражувачки текстови од д-р Стојчевска – Антиќ објавувани и презентирани во период од близу 40 години наназад на разни домашни и меѓународни конференции и настани и поводи. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука