ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

120 години од раѓањето на А. ден Долард, големиот холандски писател и вљубеник во Охрид и Македонија

Охрид, 7. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Денес се навршуваат 120 години од раѓањето на А. ден Долард, големиот холандски писател и вљубеник во Охрид и Република Македонија.

А. ден Долард (A. den Doolaard) е псевдоним за холандскиот писател Корнелис Јоханес Георг (Боб) Спулстра Помладиот (Cornelis Johannes George (Bob) Spoelstra jr.) роден во градот Зволе на 7. февруари 1901 година. Автор е на бројни книги од различен жанр: романи, патописи, раскази, поезија…

May be an image of 1 personДен Долард учел во гимназијата во Хаг. По смртта на татко му работел како сметководител во нафтено претпријатие (1920-1928). Во 1926 година со една стихозбирка го прави своето деби на полето на книжевноста. Во 1928 година ја прекинува работата како сметководител и започнува со долги и чести патувања низ Балканот и Франција, каде што работел како ѕидар, собирач на грозје, земјоделски и пристанишен работник.

Кога германската армија ја окупира Холандија во 1940 година, ден Долард заедно со сопругата бегаат на југ во Франција и оттаму по една година пристигнуваат во Англија. Во Лондон останува до крајот на Втората светска војна и работи како спикер на холандското Радио Оранје (Radio Oranje) кое е официјален емитувач на вести на холандската влада во егзил на кралицата Вилхелмина. По војната се враќа во Холандија и од 1954 година со семејството живее во Хундерло.

А. ден Долард често ја посетувал и Македонија. Поттикнат од Охрид и убавините на Охридското езеро, го напишал романот „Свадбата на седумте Цигани“ (De bruiloft der zeven zigeuners), кој за првпат бил објавен во 1939 година, а потоа доживеал многу изданија. Главното дејство во романот се одвива во градот Охрид и затоа оваа книга се смета за пресуден и клучен фактор во претставувањето на Охрид и Македонија кај пошироката читателска јавност во Холандија.

May be an image of 3 people and text that says 'A.den Doolaard Debruiloftder zeven zigeuners Querido'

А. ден Долард во Македонија нашол инспирација и за следните книги: „Дивјаците на Европа“ (De wilden van Europa, 1932, патопис), „За слобода и смрт“ (Van vrijheid en dood, 1933, патопис), „Четири месеци кај комитите, повластени убијци“ (Quatre mois chez les comitadjis, meurtriers patentés, 1934, репортажа), „Ориент Експрес“ (Oriënt-Express, 1934, роман), „Заедно е двапати сам“ (Samen is twee keer alleen, 1976, роман).

Романот „Свадбата на седумте Цигани“ е единствената книга од А. ден Долард, која е преведена на македонски јазик, но авторот и книгата стануваат познати во Македонија и пред книгата да биде преведена. Во суштина, оваа книга претставува љубовна приказна меѓу младата охриѓанка Душка и белосветскиот скитник и женкар, фотографот Бранко, кој по многу години успева да ја најде вистинската жена на својот живот.

No photo description available.

Најголем познавач на животот и книжевниот опус на ден Долард е македонскиот писател Мишо Јузмески, кој книгата „Свадбата на седумте Цигани“ ја смета за „повеќе од книга“ и таа книга со право може да се нарече „камен темелник на холандско-македонското пријателство“.

May be an image of outdoors

По повод 105 години од раѓањето на ден Долард во 2006 година во Охрид е откриен споменик во чест на писателот на кое откривање присуствуваат и потомците на А. ден Долард од Холандија. Споменикот е дизајниран од македонскиот архитект Владимир Таиќ, според идејата на шефот на Холандско-македонската стопанска комора во Македонија, Петер Џон Босе.

По повод 110 години од раѓањето на ден Долард во 2011 година во културниот центар „Култура 365“ во Охрид е отворена спомен-соба на А. ден Долард со изложба на книги и документи за животот и делото на писателот. Следната, 2012 година Мишо Јузмески ја објави книгата „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“ која покрај македонското издание доживеа и превод на англиски и холандски јазик.

А. ден Долард починал во Хундерло на 26. јуни 1994 година. (Крај)

извор: Г.Г. Дуртаноски фото: Г.Г. Дуртаноски

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука