Избор Култура

Филмот „Врба“ на Манчевски отпадна од трката за Оскар

Скопје, 10. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Филмот „Врба“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски отпадна од трката за Оскар за странски филм.

Неговиот филм „Пред дождот“ во 1995 ѝ ја донесе на Македонија првата номинација за Оскар за најдобар странски филм, а македонски кандидати биле и неговите „Сенки“ и „Мајки“.

Лани документарецот „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубо Стефанов беше првиот филм во историјата на Оскарите кој доби номинации и за Најдобар документарец и за Најдобар странски филм.

Американската Академија на филмски уметности и наука направи потесен избор на кандидати за Оскар во девет категории, а македонскиот кандидат „Врба“ отпадна од трката.

Од 93 номинирани кандидати за категоријата Најдобар филм на странски јазик, меѓу кои беше и „Врба“, Академијата го стесни изборот на 15 филма. Меѓу 15-те филма кои останаа во трката за престижната филмска награда се филмот од Босна и Херцеговина „Kvo vadis, Aida“, потоа „The Mole Agent“ (Чиле), „Charlatan“ (Чешка), „Another Round“ (Данска), „Two of Us“ (Франција), „La Llorina“ (Гватемала), „Better Days“ (Хонг Конг), „Sun Children“ (Иран), „Night of the Kings“ (Брег на слоновата коска), „I’m No Longer Here“ (Мексико), „Hope“ (Норвешка), „Collective“ (Романија), „Dear Comrades!“ (Русија), „A Sun“ (Тајван) и „The Man Who Sold His Skin“ (Тунис).

Поради пандемијата на COVID-19, наместо во февруари, наградите Оскар ќе се доделуваат на 25-ти април во Лос Анџелес, а номинациите ќе бидат објавени на 15-ти март. (Крај)

извор: Република фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука