Избор ОБРАЗОВАНИЕ ТОП ВЕСТИ

Матурантите и МОН најдоа компромис за државната матура

Скопје, 15. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Претставниците на Сојузот на средношколци викендов одлучиле да го прифатат предлогот за компромис во врска со полагањето државна матура, откако две недели ја бојкотираа наставата.

Матурантите ќе полагаат два екстерни и два интерни предмети, со тоа што третиот предмет ќе се трансформира во практичен испит. Екстерните предмети ќе нoсат максимални 20 поени (наместо 30 како што е сега), интерните предмети ќе носат максимални 16 поени, а проектната задача ќе носи четири поени. Како што информираат во Сојузот, професорите ќе им делат материјали за интерните испити на своите ученици најмалку три недели пред денот на полагањето, што значително ќе го олесни процесот на подготовка.

– Компромисот што го постигнавме веруваме дека ќе го зачувува квалитетот на образованието. Во извештаите на ОЕЦД, испитот за државна матура е истакнат како една од најсилните точки во нашиот образовен систем. Унијата има за цел да го зачува овој епитет. Моделот на два екстерни и два интерни испити го штити интересот на студентите затоа што им овозможува на амбициозните матуранти да се запишат на странски универзитети. Ќе има работна група којадо идниот месец ќе одлучи кои програми за учење ќе бидат скратени за екстерните испити – вели Бленди Ходаи, претседателот на Сојузот.

Министерството за образование и наука извести дека е прифатливо компромисното решение за начинот на полагање на државната матура кое го прифати и Сојузот на средношколци. Предложениот модел е во интерес на сите матуранти, а со полагањето два екстерни и два интерни предмети, според надлежните, ниту еден матурант нема да биде оштетен.

-Денеска матурскиот одбор ќе ги разгледа сите прашања кои произлегуваат од предложените услови, по што ќе се воспостави методологијата за полагање на државната матура. МОН во соработка со матурскиот одбор навремено ќе ги информира матурантите за направените промени со цел успешно да се подготват за престојното полагање на испитите. Исто така, напоменуваме дека овој модел на полагање на државна матура бил веќе применуван во нашата држава од учебната 2007/2008 до учебната 2012/2013 година – велат во МОН.

Оттаму потсетуваат дека во извештаите на ОЕЦД државната матура како дел од образовниот систем е позитивно оценета, па затоа планираат да ја подобруваат и унапредуваат.

Инаку според евиденцијата на сојузот, наставата ја бојкотирале 12.000 матуранти низ државата, од вкупно 15.000 матуранти. Според Ходаи, учениците нема да добијат неоправдани изостаноци за отсуствата, бидејќи, како што вели, над 51 отсто од вкупниот број ученици бојкотирале. (Крај)

извор: Факултети.мк фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука