COVID-19 Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Наумоски: Ја примив вакцината за да ги мотивирам другите, да дадам пример

Охрид, 21. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Јас сум секретар на болница, тоа не е обичен правник. Не е канцелариски човек изолиран во управа, вели за „Слободен печат“ секретарот на болницата во Охрид, Антонио Наумоски кој се вакцинирал против COVID-19, а откако таа информација стигна до јавноста, сега се соочува со дисциплинска постапка.

– Во конкрентиот случај ние имавме список кој требаше да го направиме за 24 часа на барање на Министерството за здравство. Примањето на вакцината беше во Скопје и голем број се откажаа доброволно заради трошокот за транспорт. Други доктори беа позитивни и имаа антитела, некои беа болни од ковид во моментот. Бројката е минимална и едвај го пополнивме списокот. Само бев прашан од службите дали сакаш да примиш вакцина и одговорив потврдно. Кај што ме известија, дојдов, со сопствено возило, не толку од што бев исплашен од коронавирусот туку за да ги мотивирам другите да примат, да дадам пример. Јас сум човек кој работи директно во кризниот штаб, учествувам на стручни состаноци и сум цело време со лекарите. Не знам што да кажам повеќе, цела 2020 година не сум зел еден слободен ден, вели Наумоски.

Секој што сака имаше право да се вакцинира и не можам да поверувам дека за ова се прави проблем. Ние имавме здравствен кадар кој заболе и имаше антитела и не се вакцинираше, не го зел местото на ниеден здравствен работник, вели првиот човек на охридската болница доктор Горан Балески за „Слободен печат“.

– Секретарот на болницата во Охрид, Антонио Наумоски се вакцинирал против COVID-19, затоа што влегувал во ковид одделението на болницата, бил меѓу пациентите и ги придружувал екипите кои биле испратени од Државниот санитарен и здравствен инспекторат да прават инспекции во болницата. Не ми се верува дека за една вакцина прават проблем. Ова не е правник со канцелариска работа, туку секретар на болница кој ако дојде комисија од Инспекторат влегува внатре со нив во делот за ковид пациенти, облекува скафандер. Тој не одбива работа, со мене заедно има растоварано боци со кислород и сме ги носеле во ковид одделението. Ние кога имавме 111 болни пациенти од ковид во болницата, ние моравме и сами да растовараме и да носиме боци со кислород. Нас мајстор не ни влегуваше да ни поправи чешма или да ни смени сијалица во тоа ковид одделение, сами сме влегувале. Педесет боци сме растовариле ние двајцата сами и сме ги однеле во ковид одделението. Секој што сака имаше право да се вакцинира и не можам да поверувам дека за ова се прави проблем. Ние имавме здравствен кадар кој заболе и имаше антитела и не се вакцинираше, не го зел местото на ниеден здравствен работник, вели д-р Балески.

Mинистерот за здравство Венко Филипче вчера најави дека ќе следат санкции затоа што болницата вакцинирала во приоритетна група некој што не бил здравствен кадар. (Крај)

извор: slobodenpecat.mk фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука