ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Планинската спасителна служба спаси повредено момче кај „Лабино“

Охрид, 23. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – По побарана асистенција од Итната медицинска помош (ИМП)  од Охрид, екипи на Планинската спасителна служба (ПСС), вчера во 16:35 часот интервенираше за помош на повредено момче кај месноста „Лабино“.

Поради невнимание и подлизнување, лицето се здобило со сериозна повреда во пределот на левото колено.

– Поради непристапноста на теренот за возилото на Итната медицинска помош, Планинската спасителна служба ги алармираше своите волонтери, од кои дел, за среќа живеат во непосредна близина и први стигнаа на местото со приватен пловен објект. Истите ја пренесоа и лекарската екипа, која на повредениот веднаш му укажа лекарска помош за намалување на болките, додека пристигнуваше другиот тим од ПСС со специјализирана опрема за имобилизација и безбеден транспорт. По комплетната имобилизација, повредениот со помош на пловниот објект, беше пренесен до возилото на ИМП и понатаму транспортиран до Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ од Охрид, на понатамошен третман. Акцијата заврши во 17:20 часот, информираат од Планинската спасителна служба. (Крај)

извор: Планинска спасителна служба фото: Планинска спасителна служба

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука