COVID-19 ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Утре навршува една година од првиот регистриран случај на COVID-19 во Македонија

Скопје/Охрид, 25. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Утре навршува една година од регистрирањето на првиот случај со новиот вирус COVID-19 во Македонија, кој од корен го промени животот, како кај нас, така и во цел свет.

Се работеше за жена од Скопје на возраст од 50 години, која престојувала во Италија, а во државава влегла преку граничниот премин „Табановце“. Се испитуваа нејзините контакти и оттогаш почна да се одмотува клопчето, се соочивме со нешто што наликуваше на грип, но сепак не е.

Знаевме само дека се појави во кинески Вухан и молскавично се прошири низ цел свет, ставајќи не веќе една година да живееме во услови на пандемија. Како прва заштита од вирусот се препорача маски да носат само заболените, па после мораше да носат сите, па не само на затворено и во институции туку и надвор. Полека но, сигурно бевме приморани да се навикнуваме на „новото нормално“.

Поминавме два пикови на вирусот, имавме полициски часови, карантини, вонредна состојба, скокови во бројката на позитивни случаи, кластери „Мекици Охрид“, „Слава Ресен“, „Свадба Скопје“, „Ифтарски вечери“ и „Погреби“. За жал регистриравме преполнети болнички капацитети,  многу починати лица, а носењето заштитни маски стана наше секојдневие.

Од почетокот на пандемијата досега во Македонија се евидентирани над 100 000 заразени лица, преку 90 илјади излечени и над 3.000 починати пациенти.

Вирусот ги опфати сите сфери од нашето живеење, пострада економијата, се регистрираа отпуштања на работници, затворање на фирми. Владите прават напори за закрепнување и на населението и на фирмите, некогаш тоа е прифатено позитивно, некогаш дочекано на нож, но како и да е се соочивме со нешто што направи вистински „земјотрес“ во секојдневието.

Денес, со поолабавени мерки во споредба со лани, се соочуваме со британска мутација на вирусот, за која се вели дека се шири побрзо, започната имунизација на здравствени работници и чекање да пристигнат нарачаните и ветените вакцини.

Сите се надеваме дека ќе ја надминеме оваа состојба, ќе се вратиме на вообичаениот начин на живот, иако по ова веќе ништо нема да биде исто. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука