Избор Македонија

Владо Димовски – Меѓуетничките односи во Куманово и Македонија се подобри од никогаш порано

Куманово, 12. мај 2015 (ОХРИДПРЕС) – Меѓуетничките односи во Македонија, никогаш не биле подобри, вели Владо Димовски од Центарот за меѓуетничка толеранција.

Тој вели дека настанот во Куманово дополнително ги сплотил луѓето и тие покажале дека не потпаѓаат под провокации.

– Меѓуетничките односи и пред Куманово и после Куманово сметам дека остануваат исти. Нема опасност од нарушување на меѓуетнички односи, барем од она што јас го имам како искуство од работа на терен, од голем број на истражувања итн. Сметав и пред десет дена, а и денеска сметам дека подобри меѓуетнички односи не сме имале од периодот некаде пред 2000 година, вели Димовски за Радио Слободна Европа.

Според него, меѓународниот фактор и домашните партии апелирале луѓето да бидат смирени и воздржани, но луѓето, како што додава покажале дека тие не се проблемот.

– Народот не подлегна провокации. Она што го гледавме од снимките и она што го имавме од теренот, јас изминативе 2-3 дена на неколку пати се слушав со мои колеги, претставници од невладиниот сектор, кои директно беа во делот каде што се водеше таа таканаречена војна во Куманово. Контактите што ги имав со нив, а и она што го гледавме, сметам дека народот не подлегна и не наседна на провокациите, било да е на оние луѓе кои беа уфрлени во Куманово, било да е тоа на полицијата која реагираше. Луѓето излегле од населбата, но давале силна поддршка на она што значи официјална полиција и армија, не биле ниту логистика на одредени групации кои влегоа, а не потпаднаа ниту на провокациите однадвор. (Крај)

извор: Р.С. Европа фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука