COVID-19 Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Исполнета модуларната болница во Охрид, 37-годишник со потешка клиничка слика е најмладиот пациент

Охрид, 10. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Капацитетот на модуларната болница во склоп на охридската Општа болница, што минатата недела беше пуштена во функција, е целосно исполнет со лица позитивни на COVID-19.

Покрај тоа, ковид позитивни има и на интерното одделение, а полно е и одделението за геријатрија со сомнителни пациенти. Поголемиот дел од хоспитализираните се на кислородна поддршка, а најмладиот пациент е на возраст од 37 години и е со потешка клиничка слика, изјави за Супер радио и OhridPress директорот на болницата д-р Горан Балески.

– Моментално се хоспитализирани 63 пациенти, возраста е од 37 до над 80 години. Од нив 40-на се на кислородна поддршка и има и случаи со потешка клиничка слика, вели д-р Балески.

Пред неколку дена по барање на менаџментот на болницата, беа донесени уште девет контејнери со цел да се зголеми капацитетот на модуларната болница. Истите се подготвуваат, поставени се клима уреди, поврзани се на струја и вода и се очекува во насјкоро време и тие да бидат пуштени. Ќе се добие дополнителен капацитет од 15-20 кревети, за кои д-р Балески вели ако се задржи трендот на пораст на бројката на новозаболени, веднаш ќе се исполнат.

Нови 9 контејнери во модуларната болница, капацитетот се зголеми на 55 легла

Охрид и понатаму е меѓу градовите посочени како жаришта на вирусот. Во последниот ковид извештај во Охрид беа регистрирани 33 новозаболени, едно починато и 44 оздравени лица. Моментално е на четврто место со 428 активни случаи на коронавирус. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука