COVID-19 Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

80 здравствени работници од охридската болницата од сабота ќе примаат втора доза „Фајзер“, пријавени уште 50 за имунизација со „Спутник V“

Охрид, 10. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Здравствени работници од охридската Општа болница претстојниов викенд во Скопје ќе ја примат втората доза од вакцината на „Фајзер“.

Првата доза ја примија во периодот од 19-ти до 22-ри февруари. Сега првата група ќе се вакцинира во сабота, па во наредните неколку дена, согласно распоредот. Втора доза ќе примат 80 здравствени работници од ковид центарот во Охрид. Со оглед на тоа што персоналот работи по принцип на ротација, пријавени се и уште 50 здравствени работници за имунизација со руската вакцина „Спутник V“, вели за Супер радио и OhridPress директорот на болницата д-р Горан Балески.

– Втора доза ќе примат 80 здравствени работници, почнувајќи од сабота. Бидејќи персоналот работи на принцип на ротација, ние сме распоредени на пет пунктови, не се знае, може утре да треба да се пушти сестра од гинекологија да работи со ковид пациенти. Затоа пријавени се уште 50 здравствени работници, значи доктори, оние што работат во лабораторија, медицински сестри кои го прележале вирусот пред повеќе од шест месеци, како и болничари, потенцира д-р Балески.

Охрид е меѓу градовите посочени како жаришта на вирусот, со висок број на новозаболени на дневна основа. Модуларната болница е целосно исполнета со ковид позитивни пациенти, а полно е и одделението за геријатрија со сомнителни пациенти. Поголемиот дел од хоспитализираните, вкупно 63, се на кислородна поддршка, а најмладиот пациент е на возраст од 37 години и е со потешка клиничка слика. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука