Избор Култура Македонија ТОП ВЕСТИ

100-годишнината од раѓањето на Конески ќе се чествува во седиштето на УНЕСКО

Париз, 22. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во седиштето на УНЕСКО во Париз, Франција, денеска во 16:00 часот ќе се одржи настан во чест на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската култура Блаже Конески, јубилеј кој е дел од календарот на важни меѓународни јубилеи на УНЕСКО.

Во рамките на настанот, со кој се прославува и Светскиот ден на поезијата – 21-ви март, ќе биде соопштен лауреатот на годинашното, 60. издание на „Струшките вечери на поезијата“, како и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, која се доделува во соработка со УНЕСКО.

По тој повод, со видеопорака ќе се обратат министерката за култура Ирена Стефоска и претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски.

Настанот е дел од Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески”, која се реализира под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, Министерството за култура, во соработка со Министерството за образование и наука.

Со организирањето на овој настан, се враќа некогашната традиција со која одбележувањето на Светскиот ден на поезијата и соопштувањето на добитникот на „Златен венец“, највисокото признание на Струшките вечери на поезијата, како и на добитникот на „Мостови на Струга“, награда за најдобра дебитантска поетска книга под покровителство на УНЕСКО, се реализираат токму во Париз, во седиштето на оваа престижна Организација за образование, наука и култура при Обединетите нации. (Крај)

извор: Плус инфо фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука