ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Струга ТОП ВЕСТИ

Мерко: Во Струга нема градби во зоната покрај езерото

Струга, 23. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Одговорни сме и во никој случај не го загрозуваме природното и културното наследство за зачувување на стаусот во УНЕСКО, изјави градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко.

Општина Струга нема никаков проблем со заштита на природното и културното наследство и нема градби во заштитената зона, повтори Мерко, по најавите на министерката за култура и претседател на Националната комисија на УНЕСКО Ирена Стефоска дека ќе иницира пред Владата да се разгледа можноста за одземање ингеренции на општините Охрид и Струга за, како што рече, немањето волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано на листата на УНЕСКО.

– Повеќе пати сум изјавил и сега истото го кажувам дека ние немаме никаков проблем со заштита на природното и културното наследство. Целосно е запазена зоната покрај езерото да нема градби, ниту диви, ниту со дозвола. Во тој предел и не смееме да дадеме одобрение за градење. Одговорни сме и во никој случај не го загрозуваме природното и културното наследство за зачувување на статусот во УНЕСКО, изјави Мерко.

Пред повеќе од една година, општина Струга побара ослободување од ингеренциите во областа на урбанизмот, но од Министерството за транспорт и врски доби одговор дека за тоа не постои законска можност. (Крај)

извор: Плус инфо фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука