ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Од почетокот на годинава, на патниот правец Охрид-Кичево се регистрирани 15 сообраќајни незгоди, 10 повредени и едно загинато лице

Охрид, 24. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Од почетокот на 2021 година, на патниот правец Охрид-Кичево, регистрирани се 15 сообраќајни незгоди, информираат од СВР Охрид.

– Десет лица се тешко повредени лица, а настрада едно лице. Во текот на 2020 година, евидентирани се вкупно 69 сообраќајни незгоди со 33 тешко повредени лица и 2 жртви, додаваат од Секторот.

Со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот, полициската станица за безбедност во сообраќајот Охрид, од почетокот на годинава извршила вкупно 174 зајакнати акциски контроли кон сите учесници во сообраќајот.

Во истите, 10 возачи биле затекнати како управуваат моторни возила под дејство на алкохол, а 58 ја пречекориле дозволената брзина на движење, 44 автобуси биле испратени на вонреден технички пеглед при што кај еден автобус, констатирани се неисправни уреди за сопирање. Овие возачи се исклучени од сообраќај и соодветно санкционирани.

– Најчести причини за сообраќајните незгоди и понатаму остануваат, непридржување на брзината на движење пропишана на патниот правец, неприлагодување на брзината на движење спрема условите на патот, управување моторно возило под дејство на алкохол, зборување на мобилен телефон во тек на управување моторно возило. Апелираме до сите учесници на сообраќајот на крајна внимателност при управувањето со моторните возила и почитување на поставената хоризонтална и вертикална сигнализација, информираат од СВР Охрид.

Патниот правец Охрид-Кичево, кој долги години е во изградба останува црна точка на македонските патишта. Од Јавното претпријатие за државни патишта информираат дека подготвуваат опсежни анализи за продолжување на рокот за изградба на овој автопат.

Веќе е извесно дека по втор пат ќе биде пробиен крајниот датум во чии рамки кинеската компанија Синохидро како изведувач на работите требаше да ја заврши изведбата на автопатот долг 57 километри и вреден речиси 600 милиони евра.

Првичниот рок за завршување на изградбата на овој автопат веќе беше продолжен за три и пол години, и тоа до 30-ти јуни 2021 година. Нов краен рок за завршување на изградбата на автопатот засега нема, но од Јавното претпријатие за државни патишта информираат дека нивните очекувања се до крајот на 2021 година да се пушти во употреба третата подделница со должина од 11,5 километри, на потегот од Пресека кај новиот тунел до Песочани.

– Анализите се врз основа на моменталната изграденост на самиот автопат, дополнителната техничка документација (зголемени количини) и ситуацијата со COVID-19, објаснуваат од ЈП за државни патишта.

Охриѓани видно револтирани на доцнењето, кое секој ден одзема нови жртви. Реагираат дека се нема стратегија и обвинуваат за малверзации при изведбата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука