Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Се зборува на Facebook: Патниот правец Охрид-Кичево останува црна точка на македонските патишта

Охрид, 25. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Патниот правец Охрид-Кичево, кој долги години е во изградба останува црна точка на македонските патишта. Информацијата дека повторно се продолжува рокот за изградба е една од најкоментираните деновиве на Facebook профилот на OhridPress.

Скоро и да нема недела без сообраќајни незгоди, повредени лица и некоја нова жртва. Од почетокот на 2021 година, на овој патен правец се регистрирани 15 сообраќајни незгоди.

– Десет лица се тешко повредени лица, а настрада едно лице. Во текот на 2020 година, евидентирани се вкупно 69 сообраќајни незгоди со 33 тешко повредени лица и 2 жртви, потенцираат од СВР Охрид.

Од Јавното претпријатие за државни патишта информираат дека подготвуваат опсежни анализи за продолжување на рокот за изградба на овој автопат.

Веќе е извесно дека по втор пат ќе биде пробиен крајниот датум во чии рамки кинеската компанија Синохидро како изведувач на работите требаше да ја заврши изведбата на автопатот долг 57 километри и вреден речиси 600 милиони евра.

Првичниот рок за завршување на изградбата на овој автопат веќе беше продолжен за три и пол години, и тоа до 30-ти јуни 2021 година. Нов краен рок за завршување на изградбата на автопатот засега нема, но од Јавното претпријатие за државни патишта информираат дека нивните очекувања се до крајот на 2021 година да се пушти во употреба третата подделница со должина од 11,5 километри, на потегот од Пресека кај новиот тунел до Песочани.

– Анализите се врз основа на моменталната изграденост на самиот автопат, дополнителната техничка документација (зголемени количини) и ситуацијата со COVID-19, објаснуваат од ЈП за државни патишта.

Охриѓани видно револтирани на доцнењето, кое секој ден одзема нови жртви. Реагираат дека се нема стратегија и обвинуваат за малверзации при изведбата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука