ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ На кафе со... Охрид ТОП ВЕСТИ

Устијаноски: Сакаме да го ублажиме срамот кој би го претрпеле како нација и град пред туристите за нашата ниска еколошка свест (Видео)

Охрид, 26. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Тивко, ненаметливо, но со големо срце и искрена желба за чист, убав и подобар Охрид…

Група ентузијасти и екологисти од Охрид, обединети во здружението ЕКО ФАП, кон средината на април минатата година започнаа со акции за чистење на крајбрежјето на Охридското Езеро, излетничките места и Галичица. Активистите спроведуваат акции за подигнување на отпад од градот и околината, препознатливи по камионот ФАП, по кој и го добија името. Се чистеа диви депонии кај Рамне, дивата плажа кај Љубаништа, Елешец, Елшани, но и места кои се толку блиску до градот, а се мета на неодговорни поединци кои фрлаат секаков вид отпад.

Во знак на поддршка и што поголема масовност на овие акции кои пред сé треба да ја подигнат свесноста кај сите нас да не се фрла ѓубре на несоодветни локации во еден прекрасен град каков што е Охрид, за Супер радио и OhridPress разговараме со главниот „виновник“ за овие ЕКО акции, охриѓанецот Горан Устијаноски.

Супер радио: Ова што го правите веќе скоро една година е во насока да се покаже како се сака и чува животната средина. Од каде тргна идејата за формирање на дружината ЕКО ФАП и до каде сме стасани со еколошката свест?

Устијаноски: Да, првите акции на ЕКО ФАП датираат од април минатата година кога првично ја реализирвме таа идеја која кај нас беше присутна уште пред година и пол. Сите оние кои се вклучивме во ова движење на ЕКО ФАП во еколошка смисла, сите тие на некој начин бевме инволвирани и во пловидбата и во туризмот. Немаше поболно за сите нас од коментар на турист кој ќе каже дека Охрид е навистина едно од најубавите места што го видел во светот, станува збор за искусни туристи, меѓутоа на многу места може да најдат забелешки во однос на хигиена, ѓубре, диви депонии… Ние сме луѓе од градот кои други алтернативи пред себе не сме поставиле. Овој град си го сакаме безусловно, тој е нашиот дом и апсолутно никогаш не сме се свеле на тоа да гледаме што прават некои други, па да правиме и ние. И оттука тргна идејата да на нашиот град, езерото, планината Галичица, едноставно на средината во која живееме ние и нашите деца, да им подариме дел од нашето време и можности. Апсолутно уверени дека никогаш нема комплексно и сеопфатно да го решиме проблемот, но сепак онолку колку можеме да дадеме една капка од морето, бидејќи уверени сме дека на секој еден охриѓанец останува таа должност, обврска, уживајќи го најубавото место во светот да дадат малку и од себе, не предизвикано од никакви авторитети, без присила, да можат да на направат нешто за својот град да стане малку поубав. Во однос на еколошката свест, ние во здружението не сме стручни за екологија, го решаваме на некој начин она што го гледаме, немаме експертизи, студии, меѓутоа очигледно е дека еколошкатата свест кај нас е на релативно ниско ниво, преовладува економската корист, егоизмот, субјективизмот, меѓутоа, околу еколошката свест и она што значи општа слика за Охрид и езерото, за жал морам да констатирам дека е на многу ниско ниво.

Нема достапен опис

За старт го третираме цел сектор каде има поголема пристапност и за туристите. Ние сакаме да не дозволиме или да го ублажиме срамот кој би го претрпеле како нација, град, од туристите. Не е во ред туристите да ве прогласуваат за едно од најубавите места во светот, ама да речат кому му е дадено. Ете затоа постоиме ние и се надеваме дека ќе предизвикаме слични реакции и кај други здруженија. Да не остане сé на мапирање, теорија, на студии на хартија, туку потребни се конкретни преземања и не само овде и во многу сфери.

Нова акција на ЕКО ФАП: Тивко, ненаметливо, но со големо срце и искрена желба за подобар Охрид

May be an image of road and tree

Супер радио: Организирате еколошки акции за расчистување диви депонии во градот Охрид и околината. Велите ова се акции кои треба да се поддржат од целата заедница. Дали имате поддршка од охриѓани и како може да се биде дел од акциите?

Устијаноски: Во однос на тоа колку луѓето разбираат, ние сме изненадени дека, да можеби повеќе и декларативно, ги поддржуваат тие акции, меѓутоа ние сме секогаш еден критичен број на постојани членови кои не зависиме дали една акција ќе ја спроведеме, дали дошле волонтери или не. Ние многу малку, во една прилика само се обративме на една определена акција дали некој сака да учествува и поразувачки беше дека од апелот никој не дојде. Ќе истакнам дека ние имаме една константна бројка на наши членови, на крајот за нас импеарив е еден собран камион отпад. На крајот на краиштата функционираме на некоја долна граница на минимална прифатливост за поддршка што се однесува до работна физичка сила. Тука немаме никаков проблем.

Може да биде слика на 1 лице, надвор и дрво

Може да биде слика на 5 луѓе, луѓе кои стојат, надвор и дрво

Супер радио: Беше најавена донација од град Скопје на едно противпожарно возило и два мобилни лафетни млазници на здружението. Дали се реализира и во каква состојба се уредите?

Устијаноски: Донацијата е реализирана во целост, камионот е отстапен, на него се вршат некои процеси за репарација, бидејќи реално станува збор за постаро возило. Да било во екстра состојба, се’ уште би се користело во основните противпожарни бригади. Нас не ни е императив да добиеме нови возила кои се потребни по определени институции, туку од она што на некој начин технолошки, временски застарело, се надминала потребата од негова употреба, за нашето доброволно функционирање е апсолутно доволно. Она што кај нас е еден од најголемите капитали е човечкиот фактор, ние имаме специјалисти од секоја област, возачи, механичари, електричари, по најприроден пат сме опремени со најважното. Можам да кажам дека во рекордно време ги имаме преземено сите мерки околу поправка и репарирање на тој камион, па ќе биде во функиција за следниве две недели.

Нема достапен опис

Супер радио: Кои се вашите планови за во иднина?

Устијаноски: Нема да го намалиме темпото на еколошките акции, на собирање на кабаст отпад во местата кои ги имаме маркирано, каде треба да делуваме. Во секој случај дури и ќе ја зголемиме фрекфенцијата. Единствен хендикеп е што во текот на летната сезона, од половина на мај па до почеток на септември тука има помала фреквенција, бидејќи сите сме на некој начин повеќе ангажирани и во викендите, особено луѓето кои се со основна работа во бродарството, тогаш неблагодарно е да правиме комбинации за тој период. Но, акции има и тогаш. Од септември продолжуваме со исто темпо. Ние очекуваме за скоро да добиеме уште две противпожарни возила, сакаме да го формираме доброволното противпожарно друштво во Охрид, што никогаш не постоело, а тоа е еден голем тренд и во високо развиените земји. Не постои село или гратче во Австрија, Германија, Швајцарија кое нема свое доброволно противпожарно друштво. Основниот товар си го носи градот, официјалните противпожарни станици, меѓутоа ние во определен момент, со надеж никогаш да не притребаме, би сакале да можеме да укажеме помош, дали ќе се шумски пожари, поплави и други елементарни непогоди. Сакаме само да придонесеме за колективната безбедност во градот, во оној момент кога можеме да помогнеме, несебично ќе го направиме тоа. Ова е за нас едно големо задоволство, оттука тргнуваме, едно големо хоби за сите нас. Дури неофицијално имаме наш слоган: Додека во сабота и недела на сончево време седиме по кафеани, подобро нешто да сработиме. И нас ќе ни е интересно, но и сме вовеле еден нов ветар во јавноста. Гледаме што повеќе идејата да ја наметнеме на помладите популации, да видиме колку може да се едуцираат и практично да влезат во овие процеси.

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес/Горан Устијаноски

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука