Избор Свет

Ослободен товарниот брод кој го блокираше Суецкиот канал

Каиро, 29. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Гигантскиот товарен брод „Ever Given“, кој од минатиот вторник го блокираше Суецкиот Канал, е ослободен денеска од спасувачките екипи, соопшти компанијата за поморски услуги Inchcape Shipping.

„Ever Given“ е успешно вратен во соодветна положба изутринава во 04.30 часот и моментно е безбеден, напиша компанијата на својот твитер-налог.

Но иако спасувачките екипи успеале да го ослободат бродот, се уште не е познато кога Суецкиот Канал ќе биде отворен за сообраќај.

Бродот на компанијата „Japans Shoei Kisen“, кој пловеше под знамето на Панама, се заглави минатата недела дијагонално преку јужниот дел на Суецкиот Канал, поради што целосно беше блокиран сообраќајот во еден од најфреквентните водни патишта во светот.

Големиот товарен брод со должина од 400 метри и широчина 59 метри, по ненадејниот налет на песочен ветер кој го наруши неговиот курс, се насука дијагонално во Каналот, на место широко помалку од 300 метри.

Најмалку 369 пловни објекти чекаат транзит низ Каналот, вклучително и десетици бродови за превоз на контејнери, танкери за нафта и бродови кои носат течен природен гас (ЛНГ) и течен нафтен гас (ЛПГ).

Штетата која е причинета со блокирањето на бродот се проценува на милијарди долари. (Крај)

извор: Плус инфо фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука