Избор ОБРАЗОВАНИЕ ТОП ВЕСТИ

Во ученичкиот дом „Ванчо Питошески“ Охрид ќе се примат 125 ученици

Охрид, 29. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за образование и наука го објави конкурсот за прием на ученици во јавните ученички домови во земјава за учебната 2021/2022 година.

Слободни вкупно 2578 места за сместување и исхрана на ученици од средното образование, во 18 домови. Во ученичкиот дом „Ванчо Питошески“ во Охрид ќе има место за нови 125 ученици.

Согласно здравствениот протокол за справување со COVID-19, во јавните ученички домови во една соба се сместуваат 50 отсто ученици од вкупниот капацитет на собата и право на сместување ќе имаат само учениците кои имаат настава со физичко присуство или комбинирана настава.

Доколку во текот на идната учебна година се надмине пандемијата и ќе се создадат услови за сместување со полн капацитет, во домот ќе се сместат сите ученици кои стекнале право на сместување со Конкурсот.

Првенство при прием во ученичките домови ќе имаат ученици запишани во I, II, III или IV година во Државното средно училиште Спортската академија во Скопје и дисперзираните паралелки на ова училиште во другите градови низ земјава.

Учениците кои се пријавуваат на Конкурсот треба да пополнат електронска пријава поставена на веб-страницата www.konkursi.gov.mk Рокот за електронското пријавување на учениците кои се запишани во втора, трета и четврта година ќе почне од 24-ти јуни и трае до 1-ви јули, а рокот за електронското пријавување на учениците кои се запишани во прва година почнува од 2-ри јули и ќе трае до 9-ти јули.

Листата на примени ученици ќе биде објавена на веб-страницата на Министерството за образование и наука, како и на огласната табла на домот најдоцна до 15-ти август, а вселувањето на примените ученици ќе почне од 31-ви август 2021. Учениците што ќе бидат примени за сместување и исхрана во дом, сами ќе ги плаќаат трошоците за превоз од и до постојаното место на живеење. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука