
И натаму опаѓа нивото на Охридското Езеро, денес е на кота од 693,36 м.н.в
Охрид, 29. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – И покрај врнежливиот период што го имавме, продолжува да се намалува нивото на водата во Охридското Езеро.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР) Охридското езеро е на кота од 693,36 м.н.в, што е за 13 сантиметри под месечниот просек (693,49 м.н.в) и 26 сантиметри над минимално дозволеното ниво од 693.10 м.н.в.
Температурата на езерската вода измерена утрово е 8 степени, односно за 0,2 степени повисока од мартовскиот просек.
Од почетокот на месецов езерското ниво бележи константно опаѓање и е намалено за седум сантиметри, а последниве десет дена за два сантиметри.
Во Охрид денес променливо облачно време со сончеви периоди, во западните делови со услови за слаб локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен и северозападен правец.
Максималната температура во Охрид ќе достигне до 14. степени.
– До среда ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди и со услови за слаб локален дожд. Ќе дува слаб до умерен, а повремено и засилен ветер од северен правец. Кон крајот на неделата температурите ќе бидат во пораст, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |