COVID-19 Здравје Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

ИЈЗ: За една недела пораст за 7,5% на бројот на позитивни и 29,1 % на починати од COVID-19

Скопје, 31. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во периодот од 22-ри од 28-ми март тестирани се вкупно 24.904 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 1,6% во однос на минатата недела.

Според извештајот на Институтот за јавно здравје, регистрирани сe 7.418 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со зголемување од 7,5% во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 21,6 до 33,2%, просечно 28,8%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=3.574; 48,2%), со неделна инциденца – 578,6/100.000. Највисока неделна инциденца од 626,4/100.000 е регистрирана во Неготино (заедно со Демир Капија).

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=2.060, 27,8%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 (n=1.364; 18,4%), 30-39 (n=1.355; 18,3%), 50-59 (n=1.316; 17,7%) и 20-29 (n=865; 11,7%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=134; 1,8%) и 10-19 години (n=324; 4,4%). Најголемо процентуално зголемување во однос на претходната недела е забележано кај возраснaта група од 60+ (16,3%).

Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 3.682 (48,2%) лица од женски и 3.736 (50,4%) од машки пол.

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 4.056 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со зголемување од 21,3% во споредба со минатата недела.

Пријавени се 204 смртни случаи од 25 градови, 29,1% повеќе во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 170 лицa биле над 60 години, 21 лице на возраст од 50-59 години, по пет лица од возрасните групи од 40-49 години и од 30-39 години и три лица од 20-29 години. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука