Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

До завршувањето на постапката во Собранието, ДЗС нема да отпочне со пописот на терен

Скопје, 1. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Од денеска требаше да започне долгоочекуваниот попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, но по состанокот на лидерите на власта и опозицијата истиот е одложен за септември. Законски измени во Собранието се уште не се направени.

Според последните информации, претседателот на Собранието, Талат Џафери за 13:00 часот  ја свика седницата на која ќе се одложи пописот.

Од Државниот завод за статистика инфотмираа дека нема да ги отпочат пописните активности на терен до завршувањето на постапката во Собранието.

– Со оглед на новонастанатата ситуација во врска со Пописот 2021, а во согласност со Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2021, до завршувањето на постапката во Собранието што се очекува многу брзо, Државниот завод за статистика нема да ги отпочне пописните активности на терен. Со оглед дека е предвидено Пописот да трае 21 ден, односно до 21-ви април, Државниот завод за статистика смета дека има доволно време сите предвидени пописни активности да се завршат на време.

Во периодот додека се чека разрешница во Собранието на РСМ, Заводот уште еднаш ќе направи проверка на сите организациско-технички активности на терен за да биде уште повеќе сигурен дека сè е подготвено за евентуално започнување со теренското попишување. За сите активности што следуваат, Државниот завод за статистика навремено ќе ја информира јавноста, информираат оттаму. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука