COVID-19 Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ТОП ВЕСТИ

Започнува помасовното вакцинирање, термини за 3.000 граѓани

Скопје, 5. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Денеска и официјално започнува помасовното вакцинирање на населението против COVID-19 со вакцината „Спутник В“.

Вакцинирањето ќе се одвива на пунктови во А1 Арената (сала „Борис Трајковски“), а закажани се термини за 3.000 граѓани. Во оваа фаза ќе бидат имунизирани граѓани од критична инфраструктура – луѓе што работат, МВР, АРМ, новинари, служби од Град Скопје и сите што имаат контакти: возачи на автобуси, пожарникари, воспитувачки во градинките, вработените на патарините.

Според планот, вакцинацијата со 20.000 руски вакцини „Спутник“ што ги донираше Србија, ќе се одвива на 48 пункта. Ќе има тим од 20-ина медицински сестри и пет доктори во две смени, места за 15-20 минути опсервација по завршување на вакцинирањето и обележани делови за Итна медицинска помош ако е потребно.

Министерот Венко Филипче при посетата на А1 Арената изјави дека на почеток во просек околу 4.000 луѓе на ден ќе бидат вакцинирани низ државата, а верува дека за кратко време ќе се исполни и планот да се достигнат 7.000 термини дневно, кога системот ќе профункционира во целост. За вакцините на „Астра Зенека“ се чека официјална одлука од Бордот на ЕМА. Засега се аплицира само кај постари граѓани и досега официјално не е пријавен ниту еден несакан ефект, исто како и од другите вакцини што се даваат.

Единствен проблематичен случај е со 28-годишната девојка кај која се појавила тромбоза на вена на окото по примањето на „АстраЗенека“. (Крај)

извор: www.slobodnaevropa.mk фото: www.slobodnaevropa.mk/МИА

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука