COVID-19 Економија Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Стапуваат на сила новите мерки за заштита од COVID-19, полициски час од 20:00 часот

Скопје/Охрид, 6. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – По значително зголемениот пораст на бројот на заразени и починати лица, од денеска стапуваат на сила новите мерки за заштита на граѓаните од COVID-19.

Од 20:00 часот до 05:00 часот ќе биде на сила забраната за движење, која ќе трае две недели. Од утре целосно ќе се затворат кафеаните, кафулињата, обложувалниците, фитнес центрите, а целосна забрана да примаат гости ќе имаат и хотелите, мотели, хостели, пансиони и други објекти за сместување или на бензински станици кои имаат делови за служење храна. Објектите кои вршат подготовка и продажба на храна може да продаваат преку онлајн или телефонска нарачка и да вршат достава на храна или самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект, преку пулт. Исклучок се рестораните во склоп на хотелите, мотелите, хостели и пансиони за оние лица кои се сместени како гости, како и угостителските објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Обложувалниците ќе можат да работат без да примаат гости во своите објекти и уплатите да ги вршат преку наплатен пункт.

– Бројот на новозаразени постојано расте, бројот на починати од корона расте, досега здравствените работници се справуваа со предизвиците, но, сега постои сериозно оптоварување на здравствените работници кои деноноќно и со сите сили се во битката за спасување човечки животи. Ова е најголемо оптоварување на здравствените систем од почетокот на пандемијата. Ова е моментот кога е потребно да ги пресечеме многу сериозните последици, рече премиерот Зоран Заев на вчерашната прес конференција.

Бројот на починати од почетокот на пандемијата достигна 3.940, а бројот на активни случаи изнесува 21.630. Вкупно биле заразени 134.867 лица. Досега полицискиот час почнуваше од 22:00 часот, а угостителските објекти работеа до 21:00 часот.

 Новите мерки се:

  • Забрана и посебен режим на граѓаните во временски период од 20:00 до 05:00 часот наредниот ден почнувајќи од 6-ти април до 20-ти април.
  • На граѓаните кои извршиле вакцинација во центрите за вакцина за временскиот период пред започнувањето на забраната им се дозволуива враќање до своите живеалишта врз основа на потврда за извршена вакцинација
  • Целосна забрана за посетители/гости во сите угостителски објекти и други кои даваат угостителски услуги, како и во делот за храна на хотели, мотели и пансиони, а оние објекти кои вршат подготовка на храна може да вршат продажба алтернативно, на пример онлајн и сите да вршат достава или да има самостојно подигнување на нарачката преку штанд почнувајќи од 7-ми до 20-ти април. Исклучок од ова се аеродромите во Скопје и Охрид, како и деловите за храна во објектите за сместување од лица сместени таму.
  • Целосна забрана за посетители гости во сите обложувалници, приемот на посетителите да биде овозможена исклучиво преку вршење на шалтерска услуга почнувајчи од 7-ми април
  • Целосна забрана за посетители гости во сите вежбални, фитнес клубови, спортски сали наменети за вежбање од 6-ти април
  • Се забранува организирање, одржување и учерство на секаков вид семинари, обуки, курсеви и други настани од ваков вид од утре, 6-ти април
  • На земјоделците им се овозможува движење врз основа на дозвола.
  • За време на забраната за движење сите граѓани кои жиовеат во станбени објекти и имаат домашни миленичиња да може да ги изнесуваат во 22:00 до 23:00 часот најмногу до 100 метри од објектот до кој живеат.
  • Останува на сила строгата забрана за групирање за повеќе од 4 граѓани.

Премиерот Заев најави зајакнати инспекциски контроли и полициски активност со цел да се спречат масовни групирања.

Министерот за економија Крешник Бектеши им порача на угостителските објекти да не прават дополнителни залихи со цел да се избегнат поголеми загуби од воведените рестрикции за работа. Тој образложи дека целосна забрана да примаат гости ќе имаат и хотелите, мотели, хостели, пансиони и други објекти за сместување или на бензински станици кои имаат делови за служење храна.

– Објектите кои вршат подготовка и продажба на храна може да продаваат преку онлајн или телефонска нарачка и да вршат достава на храна или самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект, преку пулт. Исклучок се рестораните во склоп на хотелите, мотелите, хостели и пансиони за оние лица кои се сместени како гости, како и угостителскиоте објекти на Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, објави министерот и додаде дека Министерството за економија е секогаш за поддршка на секторот, но очекува разбирање и соработка со цел надминување на оваа ситуација.

301 нови случаи на COVID-19, 7 новозаболени, едно починато и 107 оздравени лица од Охрид

Според последните, официјални податоци на Министерството за здравство на Република Македонија. во текот на последните 24 часа се направени 1.431 тестирања, при што се регистрирани 301 нови случаи на COVID-19. Од нив во Охрид имаме 7 новозаболени, едно починато и 107 оздравени лица. Во локалниот ковид центар во моментов се хоспитализирани 109 лица. Од почетокот на пандемијата во Охрид се регистрирани 4.288 случаи на лица заболени од COVID-19, од кои се активни 794.

Досега во земјата се направени вкупно 643.004 тестирања на COVID-19. Вкупната бројка на COVID-19 дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 135.167, бројката на оздравени пациенти е 110.388, на починати е 3.977, а бројот на активни случаи изнесува 20.802. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука