COVID-19 Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ТОП ВЕСТИ

Филипче: Нема да издржиме ако се опуштиме пред празниците, затоа сега се воведени рестриктивните мерки

Скопје, 6. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – При воведување на мерките секогаш сме се воделе од заштитата на јавното здравје како наш врвен приоритет, изјави министерот за здравство Венко Филипче, отфрлајќи ги наводите дека воведувањето на нови рестрикции сега, а не порано, било политичка одлука.

Уште еднаш потврди дека вирусот е широко рапространет,но и дека мерките што досега важеа биле ефективни, што се гледало во тоа што во многу градови епидемиолошката крива се зарамнува.

Во ваква ситуација кога имаме преоптоварени болници, дополнително комплицирање на ситуацијата што очекуваме да се случи за време на празниците, доколку не се почитуваат мерките како што тоа беше случај лани, ние нема да може да издржиме, нити пак ќе може добро да се изменаџира, дециден е Филипче.

– Тоа е причина зошто сега во овој период, во пресрет на празниците, сметаме дека треба ваква рестрикција за да дополнително се намали притисокот во болниците, да спласне бројот на нови случаи. Денес има околу 1.200 нови случаи, значи го немаме пикот како минатиот вторник. Мора да го олабавиме притисокот врз болничките установи, изјави Филипче.

Тој уште еднаш апелираше до граѓаните да се придржуваат до мерките, секој со сопственото одговорно однесување. Само така сите придонесуваме овој бран да заврши што поскоро.

Инаку денеска во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, продолжува имунузацијата на населението. Вчера биле вакцинирани се 3.500 граѓани. Министерот најави дека како ќе доаѓаат вакцините, ќе се дополнуваат системите, ќе се намалува возрасната граница, а преку системот ќе се зголемува бројот на вакцинации. Оптимумот што сакаат да го постигнат здравствените власти е 7.000 вакцинирани граѓани на ден. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука