COVID-19 Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Д-р Стурлакова Коровешовска: Тромбозите од британскиот сој на коронавирусот се причина за големата смртност на младите

Охрид, 6. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Британскиот сој на коронавирусот ги напаѓа младите, не бира по возраст и за разлика од претходниот, се манифестира со тромбоемболии кои што се причина за големата смртност кај младите, тврди за Слободен печат д-р Јованка Стурлакова Коровешовска, долгогодишен епидемиолог од Центарот за јавно здравје Охрид.

– Претходниот сој најмногу ги напаѓаше белите дробови и доминираа бронхопневмонии. Сега гледаме дека кај британскиот сој доминираат тромбози и не бира по старост, многу ги напаѓа младите, вели доктор Коровешовска.

За британскиот сој на коронавирусот се знае и дека е за 70 проценти позаразен од претходникот, но вакцините против него се делотворни, односно имаат ефект. Во земјава денеска се регистрирани 1.200 новозаразени од коронавирусот, што е благо намалување споредено со претходните денови кога имаше и по 1.600 нови случаи на ковид во текот на едно деноноќие. Сепак, болничките капацитети се оптоварени и голем број на пациенти се на кислородна поддршка.

Состојбата со коронавирусот во земјава со почеток од вечерва од 20:00 часот ќе се менаџира со нов сет мерки донесени од владата. Иако непопуларни и иако вклучуваат рестрикции на буквално сите угостителски објекти, вклучително со казината, обложувалниците, фитнес центрите, овие мерки заедно со зголеменото времетраење на полицискиот час од 20:00 до 05:00 наутро и вакцинацијата се надеж дека пандемијата ќе се стави под контрола. Проблем постои и со преморен медицински кадар и голем наплив на пациенти за хоспитализација, поради што постојано се пренаменуваат нови ковид-одделенија. Во моментов активни се 21.630 случаи на COVID-19 во земјава. Досега вакцина примиле само 13 илјади граѓани во земјава, а вакцинирани се над 90 проценти од вработените во ковид-центрите кои постојано работат со ковид-пациенти. Вчера во А1 Арената „Борис Трајковски“ од закажаните 2.800 термини, на вакцинација се пријавиле 2.500 граѓани. (Крај)

извор: Слободен печат фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука