Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Алпинистот Антонио Додевски со конкретни предлози за решавање на проблемот со планинското спасување

Охрид, 6. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Алпинистот Антонио Додевски, волонтерски Раководител на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид и Претседател на Националниот Сојуз за планинско спасување преку отворено писмо до јавноста нуди конкретен предлог за ревашање на проблемот со планинското спасување во државата.

Писмото доаѓа како реакција на последниот настан кога почина Златко Божинов, 63-годишниот овчар кого екипа на итната медицинска помош од селото Емирица неодамна пет часа на раце го носеше по тежок планински терен за да му се пружи лекарска помош во соодветна здравствена институција.

Писмото на Додевски го пренесуваме во целост.

Иако е неблагодарно да се искористува нечија несреќа за да се упати апел до надлежните, сепак сметам дека последниот настан во Кратовско ја прелеа чашата, поради што се обраќам до Вас и до целата јавност, со конкретен предлог за решавање на проблемот со планинското спасување во државата, дозволете ми најнапред да се претставам, иако добар дел ме познавате и запознаени сте со мојата работа, како раководител на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид.

Јас сум Антонио Додевски, имам 39 години и веќе подолго од половина живот имам посветено на Планинското спасување и имплементација на меѓународните стандарди на ова поле. Од 2000 година, активно се занимавам со Алпинизам, спорт кој претставува есенцијална вештина без која ефикасен систем за спасување е невозможно да се развива. Од 2001 година сум претседател на Алпинистичкиот клуб во Охрид, а од 2002 година, заедно со уште неколкумина ентузијасти и истомисленици од клубот, на наша иницијатива, која за среќа наиде на огромно разбирање од претседателот на Црвен крст Охрид, ја развиваме Планинската Спасителна Служба во Охрид. Во минатото делувавме како единица која помагаше во голем број на случаи, но не можевме да се наречеме служба, бидејќи делувавме со импровизирани средства и не можевме да гарантираме 24 часовна услуга за граѓаните. Петнаесет години апелиравме за поддршка, во секоја можна прилика ги презентиравме пред институциите нашите ентузијазам, вештини и огромната желба да помагаме на луѓето онаму каде што останатите служби не можат, но за жал, поддршка до ден денес, од страна на институциите нема. За среќа, нашиот последен обид (велам последен бидејќи ако не успееше, засекогаш ќе се откажевме од ентузијазмот) во 2016 беше со проектна апликација на ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија, финансирана од Европската Унија, која наиде на разбирање и во овој момент, се наоѓаме во фаза на реализација на вториот проект, благодарение на кој, докажавме дека она за што апелиравме, она за што мечтаевме и она за што безрезервно се вложувавме во изминатите дваесет години, е возможно. Ние успеавме со инвестиција од 4,8 Евра по глава на жител (во регионот кој го покриваме), секако средства од ЕУ, да ја создадеме првата ефикасна Планинска Спасителна Служба во регионот, која согласно највисоките светски критериуми, слободно и гордо може да стои рамо до рамо со најдобрите на ова поле во светот. Во моментов располагаме со најсовремен оперативен и тренинг центар, опремен со специјализирана опрема за спасување во најсурови и комплексни услови, реализираме по неколку десетици интервенции годишно и обезбедуваме големи спортски манифестации и натпревари.

Во изминатите дваесет години, покажавме дека знаеме како треба, покажавме дека можеме, покажавме и дека не се откажуваме од идејата во која веруваме, но за жал, не успеавме да обезбедиме разбирање и поддршка од институциите на кои им нудиме непроценлива вредност, луѓе ентузијасти и професионалци, кои се подготвени да го ризикуваат и сопствениот живот, за да спасат друг живот, знаејќи дека вештините со кои располагаат се клучни и нема кој друг да го направи тоа наместо нив. Дваесет години во разни форми алпинистите од Алпинистичката Федерација, активно работат на сопственото усовршување на полето на планинското спасување, дваесет години во голем број несреќи на планина докажуваат дека знаат како да се справат со најделикатни ситуации и дваесет години сето тоа го прават без никаква поддршка од институциите.

Поради сè ова, но и силно мотивирани од поддршката која во моментов ни ја овозможува Европската Унија преку финасираните проекти, како и потврдата од ICAR – International Commission for Alpine Rescue со верификација на полноправното членство на Здружението за заштита и спасување АСКЛЕПИЈ од Скопје, со што се потврдува исполнувањето на високите критериуми за неопходна едукација и подготвеност на спасувачите, минатата година, зедно со уште 5 други клубови (речиси од сите региони во државата) го формиравме НАЦИОНАЛНИОТ СОЈУЗ ЗА ПЛАНИНСКО СПАСУВАЊЕ, чија единствена цел е дефинирање на национална легислатива и стандарди за обука и делување на локалните и регионалните спасителни тимови, со цел нашите искуства да ги пренесеме и во останатите региони сè до конечно воспоставување на ефикасен национален систем за планинско спасување. Во изминатиот период, разработивме неколку студии, направени се компаративни анализи на законските решенија од неколку земји и постојано сме во блиска коминикација со голем број докажани спасителни служби од повеќе држави. Но за жал, мора да констатираме, дека без континуирана поддршка од државата, ефикасен ситем НЕ МОЖЕ ДА ИМА. Согласно меѓународната пракса, секој ефикасен систем почива на 3 столба: Квалитетен кадар, соодветна опременост и континуирана одржливост. Токму тоа е и нашиот предлог, кој овој пат јавно го доставуваме до сите надлежни, ние го имаме неопходниот кадар, го имаме и решението како до квалитетна опременост (веќе докажано), а Вие ја имате моќта за воспоставување на законска регулатива и решавање на континуираната одржливост. Стоиме на располагање и Ве очекуваме (веќе 20 години), да не повикате на средба, да не вклучите во процесот на планирање и конечно да нè искористите за доброто на нашите граѓани. Во оваа прилика не сакам да зборувам за останатите бенефити од постоењето на ефикасен систем за планинско спасување, како што се поткрепа на голем број стопански гранки (најмногу туризмот) кои се одвиваат на планина.

П.С. За повеќе информации посетете ја нашата веб страна (таму може да најдете и дел од стратешките документи) https://pss.org.mk/ и нашиот Youtube канал https://www.youtube.com/channel/UCr5lmI2amAp91WFjqytYcgA од каде може да видите еден дел од нашата подготвеност. Секако Ве поканувам и во нашиот Оперативен и тренинг центар, на Ул. Кленоец бр.2А во Охрид, веднаш до Автобуската станица.

Искрено Ваш,
Антонио Додевски, Алпинист
Професионално ангажиран како Проектен Менаџер на споменатите проекти,
а волонтерски Раководител на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид и Претседател на Националниот Сојуз за Планинско Спасување

**Ставовите објавени во рубриката ПИСМА на OhridPress се ставови на авторите и редакцијата не сноси одоговорност за изнесеното во истите

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука