ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Фронт 21/42: Светското културно наследство во Охрид се уништува „согласно законите“

Скопје, 7. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Од Еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42, излегоа со реакција во врска со новиот урбанистички план за Горица Север.

– Овој понеделник, 05.04.2021, осамна веста дека општина Охрид организира jавна презентација и расправа по Нацрт-извештајот за стратегиска оцена на влијанието на животната средина за Урбанистички план вон населено место – Горица Север. Според информациите објавени на страницата на општината, Извештајот за СОЖС на овој урбанистички план ќе биде достапен за јавноста во периодот 05.04.2021 – 05.05.2021 година (во самата општина и на нејзината интернет страница), а јавната презентација и јавната расправа ќе се одржат на 23.04.2021 година, реагираат од Фронт 21/42.

Потенцираат дека ова е типичен пример на прекршување на законите од страна на надлежните, на начин кој создава илузија дека постапуваат во согласност со правото.

1. Консултации со јавноста за влијание врз животната средина на урбанистички план кој не е објавен = прекршување на Законот за животна средина, директивата на СОЖС и Архуската конвенција

Објавата за неупатените делува како пример на партиципативна демократија – општината и дава можност на јавноста да го каже своето мислење за влијанието на новиот урбанистички план во процесот на негово усвојување. Во реалноста, општината го објавува само Нацрт-извештајот за стратегиска оцена на влијанието врз животната средина за урбанистичкиот план, но не и самиот урбанистички план – јавноста нема можност да процени дали Нацрт-извештајот навистина точно и целосно го проценува влијанието на планот, да постави соодветни прашања за овие влијанија до надлежните органи, ниту да достави квалитетни коментари базирани на целосно и точно информирање. Дополнително, и уште поважно – со ваквата постапка општина Охрид го крши Законот за животна средина (член 69, став 1), Уредбата за учество на јавноста во изработката на прописи (итн.) од областа на животната средина (член 6, став 1), европската Директива за стратешка оцена на животната средина (член 6, став 1 и став 2) и Архуската конвенција. Сите овие правни акти јасно дефинираат дека надлежните органи имаат законска обврска да ги објават и двата документи.

Ова не е прв пат општина Охрид да спроведе процес на консултации со јавноста само со објава и јавна расправа за СОЖС Извештај, без објава на нацрт документот чие влијание се проценува – истата формула беше применета за урбанистичкиот план за Туристичкиот комплекс Горица во 2018 година; истата година (2018 година) за планот за мини индустриска зона во Лескоец; планот за урбанизација на селото Коњско (август 2020 година) е уште еден пример; итн. За сите овие (и други) планови кои овозможуваат дополнителна урбанизација на веќе уништеното светско наследство, општината наводно ја вклучила јавноста во процесите за нивно усвојување, без да и дозволи пристап до самите планови. Ниту еден од споменатите урбанистички планови сеуште не објавен.

2. Игнорирање на препораката за стопирање на урбана и крајбрежна трансформација = прекршување на Законот за управување со Охридскиот регион, Конвенцијата за светско наследство и Уставот

Со новиот урбанистички план за Горица Север се овозможува изградба на нови викенд куќи, хотели, мотели, хостели, големи угостителски објекти, итн. на површина од 11,62 хектари; како и сообраќајни коридори на површина од 3,98 хектари. Ова е директна спротивност на препораката бр 6, со која уште во 2017 година УНЕСКО побара итно стопирање на секаква урбана и крајбрежна трансформација, барем додека не се усвојат сите релевантни документи и прописи и не се обезбеди ефективно спроведување на законите. Усвојувањето на сите релевантни документи и прописи не е ни одблиску завршено, а од последниов (и многу, многу други примери) јасно е дека сеуште не сме стигнале до степен на развој во кој барем власта и надлежните органи нема да ги кршат законите за чие спроведување треба да се грижат. Законот за управување со Охридскиот регион јасно дефинира дека спроведување на одлуките на УНЕСКО е законска обврска за сите надлежни органи кои имаат ингеренции во управувањето. Со други зборови, со започнување на процес на усвојување на Урбанистичкиот план за Горица Север (спротивно на препораката за стопирање на секаква урбана и крајбрежна трансформација) Градоначалникот на општина Охрид своите ингеренции во управувањето со светското наследство ги врши со прекршување на одредбите на овој закон. Со оглед на фактот дека Законот за управување со Охридскиот регион ја транспонира меѓународната конвенција за светско наследство, одлуката за продолжување на урбанизацијата е и противуставна – Уставот јасно налага обврска за спроведување на меѓународните договори.

Управувањето со светското наследство во Охридскиот регион продолжува да биде многу јасен показател за невледеење на правото во нашата држава.

– Она што ни падна во очи од првичното, општо прегледување на објавениот Нацрт-извештај за СОЖС на новиот урбанистички план е дека изготвувачот пропуштил да го земе предвид токму Законот за управување со светското наследство во Охридскиот регион. Препораките и одлуките на УНЕСКО, исто така не се ни споменуваат во текстот на документот кој го оценува влијанието на новиот урбанистички план за светското наследство. Ги потсетуваме и централната и локалните власти дека од 2017 година УНЕСКО упорно им повторува дека спроведувањето на препораките е предуслов за зачувување на сериозно ранливите исклучителни универзални вредности на светското наследство и невпишување на Охридскиот регион на листата на светски наследства во опасност. Со секоја одлука спротивна на препораките свесно придонесуваат кон доуништување на бесценето уникатно богатство за кое имаат одговорност кон целиот свет и сите идни генерации, потенцираат од Фронт 21/42. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука