COVID-19 Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Изминативе 7 дена во Охрид се регистрирани 259 новозаболени лица

Охрид, 11. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на изминативе 7 дена, во Охрид се регистрирани 259 новозаболени лица од COVID-19, со што градот останува високо на листата на ниво на целата држава.

Во истиот период се регистрирани 290 оздравени и 13 починати лица.

Според последните, официјални податоци на Министерството за здравство на Република Македонија, во моментов во ковид центарот во Охрид се хоспитализирани 110 пациенти, а само во текот на вчерашниот ден се регистрирани 33 новозаболени, 1 починатo и 101 оздравени лица од Охрид. Од почетокот на пандемијата во Охрид се дијагностицирани 4.516, а активни се 831 лица.

1.092 нови случаи на COVID-19, 33 новозаболени, 1 починатo и 101 оздравени лица од Охрид

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче истакна дека процесот на имунизација е пред нас и само со вакцинација на голем број граѓани ќе успееме да стекнеме колективен имунитет. Тој е уверен дека сега е време да се надмине пандемијата на коронавирус, и порача граѓаните да се пријават на страната vakcinacija.mk.

Од утре започнува вакцинирањето на вработените во обвинителството, судовите, инспекциските служби, новинарите и медиумските работници, со што се очекува да заврши вакцинацијата на приоритетните групи од т.н. критична инфраструктура – луѓе кои имаат многу контакти во работата.

Во А1 Арената „Борис Трајковски“, од почетокот на оваа недела со „Спутник в“ се вакцинираат припадниците на Армијата и МВР, дел од здравствените работници, наставниците и воспитувачите во градинките.

Паралелно, во тек е и вакцинацијата на лица над 77 години со вакцината „Астра зенека“.

Власта најави дека  месецов се очекува да пристигнат првите вакцини од Европската Унија наменети за Западен Балкан. Од нив, за Република Македонија се издвоени 100 илјади дози, од кои првично би требало да стигнат 20-25 илјади. Понатаму, се очекува да пристигне и првата пратка од вакцините од „Фајзер“, како и втората пратка преку Ковакс-механизмот. Според најавите на претставниците од власта, месецов  се очекува испораката на 200 илјади кинески вакцини, како и значителна количина „Спутник В“, за кои има договор за 200 илјади дози. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука